Државната изборна комисија (ДИК) на денешната 84 -та седница ги усвои Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) за Избор на претседател на Република Македонија и Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) за Избор на пратеници во Собранието на Република Македонија.
Од вкупно доставени 333 барања од медиумите за платено политичко рекламирање за претседателските избори, Државната изборна комисија ги потврди барањата на 37 телевизии, 35 радија, 11 печатени медиуми и 249 портали. Две телевизии и три радија ќе треба да достават корекција на ценовниците согласно чл.75 ѓ, ст.11 од Изборниот законик, соопшти ДИК.
Вкупно осум правни субјекти со 10 портали, еден поткаст и едно радио се одбиени поради, како што се наведува, неисполнување на законските услови за регистрација на медиуми за платено политичко рекламирање.
Од вкупно доставени 334 барања за платено политичко рекламирање за парламентарните избори, Државната изборна комисија ги потврди барањата на 37 телевизии, 35 радија, 11 печатени медиуми и 249 портали.
Две телевизии и три радија ќе треба да достават корекција на ценовниците согласно чл.75 ѓ, ст.11 од Изборниот законик. Вкупно седум правни субјекти со 9 портали, еден поткаст и едно радио се одбиени поради неисполнување на законските услови за регистрација на медиуми за платено политичко рекламирање, се вели во соопштението.
Против решенијата за одбивање на медиумите кои не ги исполнуваат условите за регистрација за платено политичко рекламирање, незадоволната страна има право на тужба до Управен суд на Република Македонија, во рок од 24 часа од приемот на решението.
Регистарот на медиуми кои ќе вршат платено политичко рекламирање и ценовниците ќе бидат достапни на веб-страната на Државната изборна комисија.
Изборната кампања за претседателските избори закажани за 24 април годинава, започнува на 4 април во 00:00 часот и ќе трае до 24:00 часот на 22 април, а кампањата за парламентарните избори, што треба да се одржат на 8 мај, ќе биде од 18 април до 6 мај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.