Претставници на министерствата за надворешни работи на Македонија и на Бугарија на 10 и 11 февруари ќе имаат средба на која ќе се разговара за отворените политички прашања меѓу двете земји, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Доколку се постигне напредок, прифатлив за двете страни врз основа на европски вредности и почитување на двете страни, како на државите, така и на граѓаните, тогаш МНР тоа ќе го соопшти на ист начин како што министерот за надворешни работи имаше обраќање во Комисија за надворешни работи, од неколку часа, каде ги образлагаше основните поставки на разговорите што се водат – изјави Ковачевски, по посетата на компанијата „Текстил Солушн“, одговарајќи на новинарско прашање дали има нови моменти во однос на политичките средби со Бугарија.

Тој се осврна и на вчерашниот телефонски разговор со неговиот бугарски колега Кирил Петков кој се интересирал за два инцидента што се случиле и тоа едниот во врска со искинати венци на гробот на Гоце Делчев и за искршено стакло на бугарскиот Културен центар во Битола. Ковачевски го информирал Петков дека МВР согласно регуларните процедури ги прави сите истражни работи за првиот случај, а вториот е инцидент мотивиран од приватни причини.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.