Министерството за внатрешни работи информира дека платата на вработените ја исплатува врз основа на Законот за внатрешни работи и Колективниот договор и дека согласно новиот Закон за минимална плата, минималната бруто плата изнесува 26.422 денари.
Платата за вработените во МВР, за најниското работно место, согласно систематизацијата на МВР, со статус на овластени лица и полициски службеници е над предвидената минимална плата, што дополнително би се зголемила со покачувањето од 5 отсто, што ќе отпочне да се исплатува од септември 2022 година. За вработените во МВР, на кои им се исплатува плата по Закон за работни односи е извршено усогласување со минималната плата и, почнувајќи од март, сите вработени по овој Закон ќе имаат усогласени плати односно зголемени плати, наведува МВР во соопштение.
Процесот на исплата на плата, како и сите активности коишто се спроведуваат во МВР, подлежат на проверки и од тие причини, се додава во соопштението, МВР и Македонскиот полициски синдикат (МПС) побараа и добија мислење од Министерство за труд и социјална политика со кое е потврдена законската поставеност на процес на исплата на плати за вработените во МВР.
Овој начин на исплата е во интерес на вработените и со основна компонента на плата, вредноста на часови прекувремена, ноќна, викенд, празник е поголемa во однос на основна плата. МВР и МПС во наредниот период ќе се залагаат за доследно почитување на претходно договорениот процес на усогласување на плати во соработка со Владата на Република Македонија и Министерството за финансии ќе обезбеди средства за натамошно покачување на плати за вработени во МВР, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.