Со помпезна прес-конференција МВР синоќа експресно објави дека приведено е лице поврзано со заканите за бомби во десетина скопски училишта. Денеска, откако утрово младото момче е ослободено, само сув одговор стигна оттаму на прашањата на „Република“ поврзани со неговото ослободување. Нема ни официјално соопштение, а камоли прес-конференција дека тој е пуштен дома.

Со лицето е извршен службен разговор, во координација со јавното обвинителство извршен е претрес во дом, одземени се предмети за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР.

Нема одговор дали тој е пуштен дома, што е утврдено по претресот во неговиот дом и распитот и дали ќе се поднесе кривична против приведениот, има ли сомнение за други лица кои се поврзани со бомбите и дали ќе има извинување за вчерашната помпа, како што денеска бара јавноста.

Како што објави идеолошкиот и аналитички центар Конзерватив.мк, приведеното момче е нивниот член Никола Николовски, 23-годишен студент. Единствената причина за неговото приведување е тоа што неговото цело име и презиме и телефонски број биле запишани во последните мејлови со закани.

Ова е класичен напад врз слободата на говор, демократијата и начин како да се притиснат неистомислениците. Но, слободната мисла секогаш на крајот победува, па затоа ќе се погрижиме овој настан да биде целосно расветлен пред органите. Вистинските лица кои стојат позади овој нарачан напад мора да понесат целосна одговорност за да се осигураме дека во иднина нема да постои можност од повторување на слични настани, велат оттаму.

Тој е и првиот осомничен и приведен во врска со овие закани што веќе десетина дена се случуваа низ скопските училишта, по кои одново и одново беа евакуирани ученици и се вршеа целосни антитерористички проверки.

Сè укажува дека на тоа дека станува збор за подметнат случај против Николовски и избрзано приведување и фалење дека „постои осомничен“. МВР засега не објавила за било какви други траги за случаите, ниту други осомничени.

Јавноста, со право, остро реагира на спектакуларното апсење и држењето повеќе од 12 часа на младиот Николовски, без докази, за потоа неговата фотографија и профил да кружат по социјалните мрежи, а тој да биде подлежен на јавен линч.

Приведувањето на Никола пушта уште еден загрижувачки сигнал, дека ако си млад, воспитан, едуциран, успешен и слободоумен, тогаш демнее и опасноста да бидеш урнат, поттиснат, навреден и замолчен, пишува градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски, според кого апсењето на активистот уште еднаш ја потврдува жалната констатација дека Македонија целосно го има изгубено демократскиот компас.

Реагираат и од ВМРО-ДПМНЕ прашувајќи дали МВР и министерот Оливер Спасовски ќе се извинат што направија „јавен линч врз млад човек чиј идентитет го објави и го прогласи за бомбаш“.

Ќе поднесе ли оставка Спасовски што направи жигосување на млад живот? Ќе поднесе ли некој воопшто одговорност што МВР е толку неспособно па не може да открие кој во континуитет праќа лажни дојави за бомби, прашуваат од партијата.

Во меѓувреме се огласи и Никола Николовски, кој на социјалните мрежи се претставува под псевдонимот Боемот.

Вчера бев изложен на јавен линч, закани и ликувања за моја осуда. Ова е цената на јавното искажување став во Македонија. Ниту имам мотив, ниту потреба да вознемирувам цели фамилии со „дојавите за бомба во средните училишта“. Очигледно некому му пречи мојата работа со профилот „Боемот“, моите сфаќања, ставови, бескомпромисност во борбата за подобро утре, независноста од политиката и слободната мисла, вели денеска Никола Николовски – Боемот, кој вчера беше приведен како лице осомничено за заканите за бомби по скопските училишта.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.