Министерството за внатрешни работи постапува по повеќе предмети кои се поврзани со криминал и корупција. Во моментот кога истите ќе бидат во напредна фаза, соодветно ќе ја известиме јавноста, велат од МВР за МИА во врска со денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека имало обид врз него за поткуп за Коридорот 8, за како претседател на Владата да ја прифати тендерската документација за пругата кон Бугарија.

Од Обвинителството за организиран криминал и корупција, информираат дека до моментов немаат добиено пријава за поткуп, додека од Јавното обвинителство велат дека немаат информација каде е поднесена.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска обелодени дека врз него имало обид за поткуп за Коридорот 8, за како претседател на Владата да ја прифати тендерската документација што истекува на 17 септември. Мицкоски не прецизираше кој стои зад поткупот, само кажа дека „се знае како оди тоа, преку канали за комуникација“. За ова ги известил партнерите од ЕУ со кои имал состанок, а тие, рече, со разбирање ги прифатиле аргументите. Дијалогот со бугарската страна, информира Мицкоски, ќе се одвива во Брисел, на високо ниво, а процесот ќе го фасилитира Европската комисија.

Според Мицкоски, за обидот за поткуп се информирани сите надлежни институции.

– Лично кажувам, пред целата македонска јавност, дека за Коридорот 8, секцијата 3, пругата, врз мене имаше обид да ми биде понуден поткуп со што јас како премиер би потпишал прифаќање на оваа тендерска документација што истекува на 17 септември. Затоа кажав дека се додека сум премиер, нема да го прифатам овој тендер. Завршија времињата на таков тип комуникација со претседателот на Владата, можеби со некои други имало така, со овој нема така. Сите институции кои треба да бидат информирани, се информирани. Нормално дека тоа не оди транспарентно и со докази, преку документ. Се знае дека тоа е канал за комуникација, но сум доволно искусен за да предвидам дека целта на соговорникот е таа за која зборував, потенцира Мицкоски.

Одговорајќи на новинарски прашања, премиерот подвлече дека приоритет се сите коридори што минуваат низ земјава, а на Коридорот 8 и Коридорот 10, нагласи, ќе се работи со истата посветеност зашто двата се за државата многу важни.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.