Ќе бидеме афирмативни и ќе работиме во духот на добрата верба со сите наши соседи, а примарната наша цел е да бидеме фокусирани на домашните реформи, владеење на правото, борбата со корупцијата и сето она што е потребно, доколку сакаме автентично да го трансформираме нашето општество одвнатре, порача денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на заедничката прес-конференција со италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи и меѓународна соработка, Антонио Тајани.

Муцунски посочи дека доколку постои добра волја од страна на земјите – членки на Европската унија, нема предизвик на којшто не може да се најде решение, додека пак, во врска со моделот на одложна примена на уставните измени, тој рече дека смета дека не се потребни промени на преговарачката рамка и заклучоците на Советот на ЕУ.

– Не го делам целосно ставот дека за моделот на одложна примена на уставните измени се потребни промени на преговарачката рамка и заклучоците. Тоа е прашање на правно толкување, јас сум застапник на ставот дека тоа може да се направи без никаква промена, рече Муцунски.

Целта е, додаде, земјава да обезбеди предвидлив пат кон европските интеграции и второстепено да ја заштити и политиката на проширување на вредности и принципи.

– Имаме за цел прво да имаме предвидлив пат кон европските интеграции, а второстепено да ја заштитиме и политиката на проширување на вредности и приципи. Колку и да делувам репетативен ќе го повторувам тоа. Сметам дека со овој пристап на одложни примени, прво како и секоја влада го штитиме нашиот национален интерес, повторно како влада да не бидеме понижени, да не бидеме доведени во ситуации какви што бевме доведени од нашите соседи, а второстепено да обезбедиме дека патот напред кон полноправно членство ќе биде врз основа на стандарадите и критериумите, подвлече Муцунски.

Неговиот италијански колега, Тајани, нагласи дека Италија заедно со Европската унија работи за Македонија да биде ефективен член на Европската Унија во што е можно пократко време. Тој порача дека неговата посета не е само формална, туку е јасна порака за вложувањето на Италија за забрзување на пристапувањето на земјите од Западен Балкан кон ЕУ.

– Со министерот ќе се сретнеме повторно во Њујорк на средбата „Пријатели на Западен Балкан“. Тоа е показател дека Италија верува во регионот и силно го поддржува… Македонија е многу важна, земја пријател на Италија. Сакаме да го зголемиме присуството на италијанските претприемачи. Пред да слетам се сретнав во претприемачи кои сакаат да инвестираат во Македонија и им кажав дека има многу можности за инвестирање и дека оваа Влада, сака и ќе ги поддржи инвеститорите, порача Тијани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.