Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на покана од министерот за надворешни работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, учествуваше на Дубровник форум, што се одржа на 28 и 29 јуни, во Дубровник.

Муцунски се обрати на посебната сесија „Отворање на реформскиот потенцијал на Западен Балкан“, каде што се осврна на перспективите за членство на земјава во Европската Унија. Притоа, Муцунски истакна дека иако земјава е сведок на „билатерализација“ на евроинтегративниот процес, а претходно и на членството во НАТО, како и повеќекратна апликацијата на двојни стандарди од страна на институциите на ЕУ, сепак, нашата нација е про-европска нација, а мнозинството од нашиот народ ја поддржува европската агенда, бидејќи нема подобар пат од полноправното членство на земјава во ЕУ.

Во делот на реформите и интеграцијата на земјата во Европската Унија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија нагласи дека новата влада е цврсто фокусирана на процесот на европска интеграција, преку обезбедување на европските стандарди дома, односно борба со криминалот и корупцијата, владеење на правото и економски развој.

Прашан за концептот за членство во Единствениот пазар пред целосна интеграција во ЕУ, Муцунски истакна дека независно како ЕУ го предвидува овој процес, вклучително и концептот за постепена интеграција, нема да има двоумење од наша страна доколку крајниот резултат е полноправно членство во ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.