Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, престојува во Соединетите Американски Држави, каде што ќе биде дел од македонската државна делегација на 79. Генерално собрание на Обединетите Нации во Њујорк, предводена од претседателката Гордана Силјановска Давкова.

Покрај учеството во македонската делегација, министерот Муцунски ќе има значајни средби со земјите од А5, земјите членки на ПСЈИЕ, ОБСЕ Тројката, и ќе оствари билатерални средби со министри за надворешни работи на повеќе земји. Исто така, тој ќе одржи бизнис средби поврзани со надворешната трговија и странските инвестиции.

Планирано е министерот да се обрати на „Интерактивниот дијалог 2“ на тема „Зајакнување на мултилатерализмот за меѓународен мир и безбедност“, што е клучен настан за повторно обврзување на глобалното единство според Повелбата на ОН.

Дополнително, Муцунски ќе учествува и на вториот состанок на министрите за надворешни работи на земјите од Г20, како и на отворената дебата на високо ниво на Советот за безбедност на ООН на тема: „Лидерство за мир: Обединети во почитување на Повелбата на ООН во потрага по безбедна иднина.“

Во рамките на планираните активности, министерот ќе зема учество и на Министерскиот состанок на групата пријатели на Западен Балкан и на Појадокот со министрите од Централноевропската иницијатива (ЦЕИ).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.