Сојузот на средношколци ја проследи вчерашната прес-конференција на министерот за образование и наука Јетон Шаќири на која тој ги ги презентираше десетте препораки на Владата околу менталното здравје на учениците и меѓуврсничкото насилство во училиштата.
Сојузот констатираше дека нивните четири предлог-мерки за подобрување на состојбата со менталното здравје на средношколците се прифатени од страна на Министерството за образование и наука. Тие се преточени во деветтата и десеттата препорака на Владата.
Имено, се укажува на секое училиште да обезбеди просторни услови за стручните соработници со цел да бидат отворени за ученици и доколку имаат потреба учениците да можат да закажат и тет-а-тет средба со својот училиштен психолог. Исто така, МОН заедно со стручните соработници од основните и средните училишта, претставници на Сојузот на средношколци, универзитетски професори, Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат ќе формира работна група која ќе креира протоколи за соодветна работа при обезбедување на поддршка за психосоцијално и ментално здравје на учениците.
Создавањето на протокол за дефинирање на новиот модел на работа на училишните психолози, односно истите да остваруваат тет-а-тет средби со учениците наместо да вршат административна работа е заложба на Сојузот на средношколци уште од мај 2021 година. Оттука, Сојузот позитивно реагира на одлуката за отпочнување на процес оваа наша визија да стане реалност.
Исто така, втората препорака на Владата предвидува создавање на општински совети за превенција на детско претстапништво преку локалните самоуправи и Државниот совет за превенција на детско претстапништво. Во препораката јасно е наведено дека е потребно вклучување на Сојузот на средношколци во овие совети. Ние нотираме дека дел од општините тоа веќе го имаат направено, а истите вклучено претставници од Сојузот за членови во овие тела.
Поради сите горенаведени причини, Сојузот на средношколци ги поздравува препораките на Владата. Ние ќе продолжиме активно да се вклучуваме во овие процеси сè додека сите заедно како чинители во образовниот процес не го спроведеме новиот модел на работа на училишните психолози – тет-а-тет средби со учениците. Сојузот ги става сите свои капацитети на располагање во насока на подобрување на состојбата со менталното здравје на младите и насилството во училиштата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.