Министерството за образование и наука денеска соопшти дека го одзема вршењето на работите на општина Тетово за именување и разрешување на директор на Средното општинско училиште Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ – Општина Тетово затоа што и покрај укажувањата и преземените мерки и активности од Државниот просветен инспекторат не обезбедила извршување на работите кои со закон се утврдени како нејзина надлежност.
Државниот просветен инспекторат на 8 јули го извести Министерството за образование и наука дека е извршен вонреден инспекциски надзор во СОУГ „Кирил Пејчиновиќ“ во општина Тетово, по иницијатива на разрешениот директор на училиштето. Утврдено е дека градоначалникот на Општина Тетово го разрешил директорот без претходно спроведена постапка согласно закон и именувал вршител на должноста директор, стои во соопштението од МОН.
Инспекторатот, како што се наведува, му укажал на градоначалникот за незаконитата постапка. Согласно Закон, Инспекторатот извршил контролен инспекциски надзор, со цел да утврди дали градоначалникот на Општина Општина Тетово, постапил по укажувањето.
Утврдено е дека Решението за разрешување на директорот се уште не е поништено, а функцијата вршител на должност се уште ја врши новоименуваниот директор, се вели во соопштението.
Вршењето на одземените работи, согласно Закон, го презема Министерството за образование и наука, во име и за сметка на општината во траење од 12 месеци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.