Министерството за надворешни работи ги осудува вчерашните инциденти во Скопје, пред, за време и по натпреварот Шкупи – Левски.

Насилството е неприфатливо во ниту еден случај, особено не кога тоа резултира со тешки повреди. Органите за безбедност ја имаат сета поддршка во спроведувањето на јавниот ред и мир.

Повредениот бугарски државјанин е третиран професионално и со соодветна грижа; во моментов тој се наоѓа во стабилна, но тешка состојба, и по хируршкиот третман закрепнува во болница во Скопје. Претставници на бугарската амбасада се во постојан контакт со повредениот бугарски државјанин и неговите роднини, како и со локалните здравствени власти.

Надлежните органи на Република Македонија веќе ги презедоа и ќе продолжат да ги преземаат неопходните мерки за ефективна истрага и гонење во врска со настанатите инциденти.

Како што и порано во неколку наврати имаме посочено, Република Македонија е слободна земја и добредојдени се сите оние кои сакаат да ја посетат земјава; привилегија која не подразбира дека е прифатливо од овде да се искажуваат навреди, особено не тези кои подразбираат територијални претензии и/или негирање и навреди по основ на етнички, религиски или други идентитетски основи.

Како и порано, прекршувањето на овие правила ќе биде соодветно адресирано од страна на надлежните институции, а на ваквите поединци ќе им биде ограничена привилегијата за присуство во земјава.

Република Македонија и Република Бугарија се добри соседи кои политичките разлики ги надминуваат со дипломатски средства, негувајќи ја културата на добрососедски дијалог.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.