Како Еврејка сум силно навредена од користењето на ваквиот назив, без разлика на реториката дека претставниците од здружението дека не им било тоа намера, го знаат историското минато на Цар Борис Трети, а самото знаме кое го вееја каде царот  е во воена униформа што праќа одредена политичка порака, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи за „Тема на денот“ во дневникот на Сител.

Дека Цар Борис Трети имал фашистички наратив таа посочи дека потпишувал закони против Евреите и дека самиот лично има средби со Хитлер.

„Во текот на 1940 година парламентот на тогашна Бугарија носи закон за чиста нација, кој е пандан на Нирнбершките закони, тоа законско решение ги уредува правата на Евреите носење на жолти значки и губење на граѓанските права и позиционирање на Евреите пониско од животни. Граѓанството било против, интелектуалците, Цар Борис не бил против.  На 21 јануари 1941 година указот од законот е потпишан од Цар Борис Трети. После овој закон следува законот за еднократен данок, односно одземање на имотната состојба на Евреите и биле спремани за депортација“, рече Мизрахи.

Мизрахи посочи дека носењето на овие две законски решенија е 3 месеци пред Бугарија да влезе во хитлеровиот пакт, значи пред да се приклучат тие ги спремале законите. .

„Еден од важните цитати на Цар Борис Трети е следниот: „Евреите се најголемо европско и национално зло, тие се народ без вера и морал“. Имаме и цитати каде вели дека еврејството создава омраза, безверие, неморал и дека било виновно за сите војни и катаклизми. Тој фашистички наратив бил присутен кај Борис Трети“, истакна таа.

Мизрахи додаде дека 7.144 Евреи се собрани во Тутунскиот комбинат во Скопје и понатаму со три конвои пренесени во Треблинка од каде никој не се враќа, во тие имаме 1.500 деца под 15 години.

„Доколку сакаме да прикажеме добрососедство и добронамерност тоа се прави едноставно, жал ми е што го одбираат начинот на зло помеѓу двата народи“, изјави Мизрахи.

„Доколку државата сака секогаш се има начин да се спречи било што. Доколку јас правам нешто кое што е неприфатливо за оваа држава, без разлика дали имам пратенички мандат ќе бидам спречена до утре наутро. Претпоставувам дека истото важи за сите граѓани во оваа држава. Меѓутоа дека државата покажува институционална дисфункционалност е од повеќе од јасно. Врвот на таа дисфункционалност е секако Владата на државата, таа го поставува редот на нештата, таа ја поставува аритмиката на функционирање на институциите. Се чини дека последните 5-6 години особено последнава што е страотно бидејќи од КОВИД криза влеговме во страшна економска криза, енергетска криза, топлинска криза и така натаму, нашите институции буквално не функционираат“, нагласи Мизрахи.

Мизрахи рече дека државата односно институциите требало да спречат отворање на клубови со фашистички имиња.

„Со ваквиот наратив и однесување на нашите политички елити односно мнозинството и власта се чувствувам поинаква и незаштитена“, истакна пратеничката.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.