Претседателката на Анкетната комисија за скандалот на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Рашела Мизрахи вечерва изјави дека она што неа ја загрижува и што може да утврди од досегашната работа на комисијата е целосна суспензија на контролните механизми што биле поврзани со работата на Клиниката за радиотерапија и онкологија.
-ВМРО-ДПМНЕ веќе достави листа на луѓе кои што сакаме да дојдат и да разговараат со Анкетната комисија и да ги дадат своите изјави. Тоа е листа од 44 поранешни и сегашни функционери и раководители на различни степени во самите институции, кои што ќе треба да посведочат. СДСМ даде листа од 27 сведоци, Левица чинам дека предложи еден сведок. А, исто така ВМРО-ДПМНЕ побара документација. 44 различни архивирани документации што се однесуваат на различни институции и од нив ќе утврдиме што се случувало, рече Мизрахи за ТВ Сител.
Пратеничката потсети дека Анкетната комисија почнала со повикување на сведоци и оти на седница беа поранешниот министер за здравство Беким Сали и министерот за внатрешни рбаоти Оливер Спасовски.
Мизрахи рече дека Сали кажал дека има многу оскудни информации за КАТО системот и останатите системи што би требало да бидат контролни механизми на работењето на Клиниката за радиотерапија и онкологија.
-Она што повеќе ме загрижи мене од изјавата од него беше поврзано и баш со Извештајот на ДСЗР каде што тој видел односно се приметило абнормалности во однос на финансиските извештаи на самата клиника и баш заради тоа го викнал директорот и разговарал со него за да види како можат да се надминат тие ситуации. Барал и вонредна расправа односно вонредна инспекција од страна на Фондот за здравствено осигурување меѓутоа тука и му завршил мандатот, рече Мизрахи.
Таа посочи дека Извештајот на ДСЗР е доста детален и првата работа што се забележува е дека немало никаков одговор од самата Клиника за онкологија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.