Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека се консултирал со неговиот правен тим и најави дека ќе покрене тужба против поранешната министерка за одбрана, Славјанка Петровска.
Со жалење го прочитав тој нејзин статус. Не и е првпат на Славјанка Петровска да нанесува удар врз мене и моето семејство на ваков подмолен начин, со многу лаги, измислици, конструкции. Таа за жал мене монструозно ме обвини, но јас тоа го оставам на нејзината чест и совест. Не би сакал да навлегувам во длабочината на нејзината мисла додека го креирала и го објавила овој пост. Се консултирав со мојот правен тим и ќе покренам тужба затоа што, како што нагласи, би сакал органите, судот, докрај да го расветлат тоа, да видат со какви докази располага Петровска, дека јас сум нарачувал и охрабрувал убиства, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во Владата.
Мицкоски додаде дека има семејство кое функционира низ градот и не би сакал, како што рече, да се најде во непријатна состојба.
Одредени политичари, како што е Петровска, се обидуваат да спечалат некоја политичка ловорика и да ме нападнат мене лично, а преку тоа и моето семејство. Ќе кажам дека не и е првпат. Не мислам дека ќе и биде и последен пат, но, преку мојот правен тим јас во текот на деновите кои следат ќе поднесам тужба, па да ги видиме тие докази со коишто располага Петровска, нагласи Мицкокси.
Пратеничката и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска на својот Фејсбук профил напиша дека премиерот Мицкоски стои и ги одобрува престрелки во Скопје.
Утрово ново убиство, нова пресметка. Додека Мицковски се фотографира и се смешка, пукање и мафијашки престрелки на секој чекор. Лично Мицковски стои и ги одобрува овие мафијашки престрелки, затоа и одбра вчера на големиот христијански празник Преображение, пред Божји храм да се фотографира со Борис Мутков – Фантом, познат лик на скопското подземје. Наместо да ги апсат, тие се фотографираат и смешкаат. Вчерашната престрелка во Синѓелиќ, е всушност пресметка зад која стои Фантом и праќа порака кој е кој. Доказ дека блискоста на Фантом со Мицковски не е монтирана е и фактотот што братот на Фантом е дел од обезбедувањето на Мицковски. Очигледно е дека ДПМНЕ продолжува таму каде што Груевски застана, и затоа многу пократко ќе траете, се наведува во објавата на Петровска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.