Правата на бугарската заедница не се тема за дневна политика, вели премиерот Христијан Мицкоски, изразувајќи жалење што лидерот на ДУИ Али Ахмети тоа, како што нагласи, го користи мислејќи „дека така ќе добие поен, да се вовлекува на соседите наместо со тие дома, со кои дели секојдневие“.

Прашан за коментар на денешната средба на лидерот на ДУИ Али Ахмети со бугарскиот амбасадор во земјава Жељазко Радуков, по која партијата од Мала Речица излезе со соопштение дека „бугарската заедница во Македонија е реалност и треба да биде вклучена во Уставот“, Мицкоски порача „не мислам дека е вистинска политика, но нека тера“.

– Бугарија е потписник на резолуцијта за заштита на човековците права, а има 14 пресуди од Судот за човекови права кои велат дека Бугарија не ги почитува права на македонската заедница. И нула за реалноста во Македонија за бугарската заедница. Жалам што Ахмети тоа го користи како дневна политика, но тоа е негова стратегија. Тој мисли дека така ќе добие поен, да се вовлекува на соседите наместо со тие дома, со кои дели секојдневие, тоа не мислам дека е вистинска политика, но нека тера, изјави Мицкоски.

Неколку стотини граѓани, посочи Мицкоски, го користат бугарскиот јазик како мајчин јазик, и не можеме да кажеме дека тие не постојат, исто како што седум-осум пати има повеќе Бугари во Албанија отколку во Македонија.

-И тоа е исто така реалност. Не можеме да кажеме дека тие не се реалност. Но исто така е реалност и македонската заедница во Бугарија. Ако ние зборуваме да ги вклучиме Бугарите во Устав сега, тогаш треба да зборуваме и да видиме македонската заедница во Бугарија какви права има и да ги споредуваме реалноста на бугарската заедница кај нас и македонската заедница во Бугарија. И тогаш можеме да носиме вистински заклучоци. Тоа за мене не е тема за дневна политика. Тоа е тема за која треба да разговараме стратешки, со визија, затоа што таа тема треба на нас да ни го отвори и загарантира членството во рамките на ЕУ на основа на Копенхашките критериуми, нагласи Мицкоски.

ДУИ, преку соопштение денеска информираше дека во седиштето на партијата Али Ахмети, го примил новиот амбасадор на Бугарија  Жељазко Радуков, во кое меѓу другото се вели дека „Бугарската заедница во Македонија е реалност и треба да биде вклучена во Уставот“ и дека „приоритет на ДУИ е токму продолжување на европскиот пат, затоа уставните измени мора веднаш да се случат бидејќи граѓаните очекуваат да станеме дел од Европската Унија“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.