Уставни измени во овој состав на парламентот нема да има затоа што овој состав на парламентот нема да работи под условно кажано бугарски диктат, договорот го преговараа и го договараа и покрај тоа што понудивме помош во тој преговарачки процес. Ако се сеќавате после таа моја прес конференција мислам дека беше април-мај бев одбиен од страна на владата на ДУИ, поддржана од СДСМ со изговор дека не им е потребна помош. Преговараа и договораа анекс на договорот за пријателство и добрососедство, а притоа не можат да го исполнат тоа што го договорија бидејќи очигледно е дека тие услови кои што во минатото важеа, во овој пратенички состав нема да важат и нема да бидат исполнети. Тоа му е јасно и на Ковачевски, тоа му е јасно и на Али Ахмети, тоа е јасно на сите.
Ние не излеговме на избори пред граѓаните да ветуваме уставни измени. Ќе повторам ги предупредивме да не го потпишуваат тоа, да не влегуваат во авантура и да не наметнуваат дополнителни услови за граѓаните за да може ова држава да отпочне преговори со членство со ЕУ, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, запрашан како ја коментира изјавата на Ковачевски кој посoчува дека ќе се случат уставни измени.
Мицкоски во текот на своето говорење направи и една ретроспектива на Македонија од самото осамостојување па се до денес.
Ќе потсетам кога оваа држава стануваше независна и кога се делеше од поранешна Југославија францускиот експерт за уставно право беше јасен и гласен во тоа време господинот бадентер дека е единствената која што од поранешните југословенски републики ги исполнува условите според критериумите за да стане независна држава, дури ни Словенија ни Хрватска во тоа време не го исполнуваа. Потоа бевме опструирани од страна на нашиот јужен сосед и бевме притиснати да го промениме нашето знаме тогаш и да го прифатиме ова ново знаме, со што направивме една голема национална отстапка за таа подобра иднина, за таа европска иднина, за европски стандарди.
Потоа исто така бевме уценувани и притискани за да бидеме дел од Обединетите Нации, па моравме да ја прифатиме таа времена референца која што во тоа време ја користевме за да станеме земја членка на Обединетите Нации. 1999 година бевме логистичка база, ќе повторам логистичка база на НАТО Алијансата која што во тоа време се пресметуваше со режимот на Милошевиќ кај нашиот јужен сосед и вдомивме повеќе од половина милион бегалци од Косово. 2000 година го потпишавме Договорот за Асоцијација и стабилизација со ЕУ, за да 2001 година тие кои што ги вдомивме го завртат оружјето против нас и се случи оној воен конфликт во 2001 година, а како резултат на тој воен конфликт во 2001 година се случи Рамковниот Договор. Повторно моравме да правиме дополнителни национални отстапки за подобра иднина, за европска иднина и тоа го прифативме.
Во 2005 година за жал бевме жртва односно добивме статус на кандидат за земја членка да станеме земја членка на ЕУ, а 2008 година за жал бевме жртва на повторно на едно вето на нашиот јужен сосед кога на Самитот во Букурешт не станавме земја членка во НАТО, а станаа Албанија и Хрватска и покрај тоа што бевме убедувани од големиот пријател на Македонија, претседателот на САД во тоа време господинот Буш. 2009 година го добивме првиот извештај од ЕУ, ЕК за почеток на преговорите, позитивен, но за жал поради ветото од нашиот јужен сосед, повторно не ги почнавме.
По оние срамни настани во парламентот се смени Уставот, се смени уставното име и покрај тоа што добивме во Хаг пресуда дека Грција не треба да не опструира за членство во меѓународните организации. Потпишавме договор за добрососедство со нашиот источен сосед и сето тоа го правевме на штета на македонските национални интереси за да денеска никој на овој народ не му гарантира ништо, изјави Мицкоски.
Тој порача дека ниту еден политичар во Македонија не треба повеќе да размислува за било какви национални отстапки кои што се поврзани во било какви уставни измени во Македонија.
Никој од тие бирократи во Брисел не истапи и на овој народ не му гарантира ниту идентитет, нити пак посебност, нити традиција, нити историја, нити јазик, ништо. И повторно не тераат да правиме национални отстапки без дополнителни гаранции, без јасни гаранции. Никој жив политичар во Македонија не треба повеќе да размислува за било какви национални отстапки кои што се поврзани во било какви уставни измени во Македонија, додаде Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.