Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, професор д-р Христијан Мицкоски од денешната трибина во Гевгелија насловена „Борба против корупцијата и криминалот“ од акцијата „Ова е Македонија за сите“ порача дека уставни измени под бугарски диктат немa да има.

Тој посочи да власта предводена од СДСМ и Димитар Ковачевски е доведена до ѕид, немајќи поддршка за да ги спроведе обврските кои што ги презела со прифаќањето на уставните измени, затоа лажат, при што лажењето им стана секојдневно функционирање со што секој ден ни покажуваат дека дното може да биде подлабоко од претходно.

Во овие тешки и предизвикувачки времиња знам дека сте вознемирени поради сето она што се случува во Македонија. И знам дека со голема доза на мачнина гледате како СДСМ и ДУИ свесни дека ја губат власта, го губат и достоинството. Секој ден не уверуваат дека дното може да биде се подлабоко од претходно. И кога се дотерани во ќош, целосно разобличени, гледајќи ја сета слабост во нивните политики, единствената работа која што ја кажуваат се невистини. Не е во мојот речник да зборувам наместо невистини дека лажат, но морам да признам дека последниве денови сведоци сме дека, не лажат, туку се утепуваат од лажење. Не било само крадењето, туку лажењето било дел од нивната политика“, рече Мицкоски.

Мицкоски додаде, како може од една иста средба да излегуваат со различни информации за она што се случило.

За една иста средба за која и самите рекоа дека е неуспешна, тие излегуваат и велат дека ВМРО-ДПМНЕ прифатило безусловно уставни измени. Граѓаните, медиумите, експертите знаат дека не е така, а лудо настојчиво лажат за нешто што е очигледно – Дека уставни измени под бугарски диктат ниту сум прифатил, ниту некогаш ќе прифатам! Лажат затоа што друго немаат што да прават. Си се дружат со лагата секој еден ден затоа што се разголени, а срамот е голем. Таквото безочно манипулирање е од причина што кај овие луѓе постои целосно отсуство на срам и затоа што се дотерани до ѕид. Нема веќе дршки на кои може да се држат при манипулациите што со години ги кажуваат, децидно истакна Мицкоски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.