Почнува битката за власт, но кој ќе ја добие веројатно ќе зависи од визијата која ја имаат политичарите. Сепак, едно е сигурно, граѓаните се во исчекување на подобро утро. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, ветува сосема поинаква иднина од онаа на сегашната власт. Тој, во интервју за „Магазинот за туризам и менаџмент“, ексклузивно одговара на многу прашања. Покрај за политика и економија, Мицкоски открива и со какви чекори ќе ја подобрат економската состојба во земјата, а ќе ги вратат и младите.

Новата година носи и нови предизвици, но и неизвесност на политичката сцена. Граѓаните очекуваат промени бидејќи државата тапка во место, а џебот на обичниот човек се празни. Странски и капитални инвестиции има само на збор. Граѓаните се во очекување на подобро утро. Како лидер на најголемата партија, ветувате светла иднина во оваа изборна година. Господине Мицкоски, нѐ чекаат ли големи предизвици и промени во 2024?

Државата минува низ тежок период. Сѐ повеќе граѓани се сиромашни. Околу 600 илјади наши сограѓани живеат во сиромаштија со само 150 денари на ден. Сѐ повеќе луѓе се незадоволни од функционирањето на системот кој нема одговори за основните потреби што се нормални за функционирањето на една држава. Кажете ми област во која нема огромни проблеми? Независно дали се работи за здравството, земјоделието, образованието, науката, младите, луѓето имаат сериозни забелешки за тоа каков е реалниот живот. И на ова ако го додадете неказнетиот криминал и корупцијата што се широко распространети од највисоко до најниско ниво, ќе дојдете лесно до заклучокот дека државата тапка во место. Години и години поминавме во чекање да се случи нешто подобро. Тие на кои им прекипе и имаа можност за тоа, си заминаа од државата. Имаме иселување во фаза кога не сме членка на ЕУ што е поголемо од иселувањето од оние послаби земји што пристапуваат во Европската Унија. Од друга страна, граѓаните овде се со право разочарани. Инфлацијата е галопирачка, скапиот живот придонесе сѐ повеќе луѓе да ја губат надежта за подобра иднина. И на сето ова мора да се стави крај. А единствениот излез се изборите, со нов може да се направат тие промени. Тука, клучна улога ќе имаат граѓаните, секој поединец што ќе мора да сфати дека од него зависи. Но, секој ќе треба и добро да ги препознае сите оние кои ја бараат неговата доверба за да ја злоупотребат повторно, оние добро познати инсталации на власта со задача да глумат опозиционери, но и нас, кои сакаме искрено и чесно да направиме промени што ќе донесат иднина, обнова и пристоен живот. Убеден сум дека следуваат промени и подобри работи за Македонија.

Неодамна излеговте во јавноста со констатација дека постоењето техничка влада повеќе ѝ штети отколку што ѝ носи добро на земјата. Зошто? Дали не мислите дека во тој предизборен период ќе можете да ги видите одблиску работите, до каде е државата во повеќе сегменти и која е најслабата алка во системот?

Мислам дека практиката досега покажала дека техничките влади како такви, досега биле неефикасни, конфликтни и извор на бројни проблеми. Паметите ли некоја реформа од која било техничка влада? Такво нешто нема. Токму поради овие причини побарав укинување на постоењето на техничката влада, затоа што премногу време и енергија ќе се потроши на меѓусебни конфликти. Тоа беше одбиено од власта. Постапките на премиерот потоа го открија мотивот за оваа негова одлука. Впрочем, техничката влада постои само за да се реализира договорот на власта, а тоа е Џафери од ДУИ да биде премиер. Ваквиот технички премиер нема да добие поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, затоа што е сосема нелегитимно да ја води државата човекот кој доаѓа од една од најголемите структури обвинети за криминал и корупција. Тоа е последица, пред сѐ, на слабоста на СДСМ, која дејствува како малцински партнер во Владата и постои за да ги поддржува одлуките на ДУИ. Основната задача на техничката влада ќе биде да ја загарантира волјата на граѓаните. Тоа што власта го проблематизира составот на техничката влада и со политикантски чекори најавува дека нема да ги гласа предлозите од ВМРО-ДПМНЕ, претставува само дефокус од вистинските прашања што ја засегаат јавноста, но и ги открива намерите за еден нефер однос и за загрозување на изборниот процес. ВМРО-ДПМНЕ нема да потклекне на ваквото несериозно однесување. Што се однесува до прашањето за слабостите што може да се очекуваат по формирањето на техничката влада, би рекол дека целата влада е огромна слабост. Ние добро ги знаеме проблемите, а по изборите ќе имаме сила за промени и за имплементација на решенијата што ќе ги понудиме.

Што очекувате на следните избори? Ставовите на ВМРО-ДПМНЕ се главно критика упатена како кон СДСМ, така и кон ДУИ. Дали сметате дека може една партија во земјава да биде на власт без „интегративците“?

Да, време е ДУИ да отиде во опозиција, што всушност е и моја интенција, но сето тоа зависи од волјата на граѓаните. Колку ќе бидат силни промените, зависи од тоа колкава ќе биде поддршката. Затоа е важно што повеќе луѓе да излезат и да гласаат, да ја поддржат опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, за да не зависиме од уцените од останатите партии и за да има обнова, но и одговорност за оние кои ги кршат законите. Само на тој начин би се создал ред. Знаеме дека ДУИ над дваесет години е власт и дел од сите афери, од сите неуспеси и порази на оваа држава и, практично, не смее да се амнестира за ваквото однесување.

Сметате дека прашањата за економијата се поважни во моментов отколку тие за евроинтеграцијата на Македонија. Песимизам владее меѓу народот бидејќи животот во земјата станува сѐ поскап. Цените растат, платите одвај малку се зголемуваат. Минатата 2023 година ја одбележаа голем број протести на улиците. Администрацијата и пензионерите не ги добија посакуваните повисоки примања. Дали имате план како да се намали јазот помеѓу големите трошоци и ниските примања?

Најглавната задача на владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде економска обнова и борба за повисок животен стандард на граѓаните. За таа цел, мора да се влијае на зголемувањето на економската моќ на граѓаните, мора да е работи на повисоки примања. Она што сега им го прави власта на пензионерите е недостоинствено, а тие најдобро ги чувствуваат последиците од лошото владеење и од падот на економијата. Во периодот од 2017 до 2023 година растот на БДП на жител во Македонија е само 20%, кај сите други држави од регионот е 50%, а некаде и над тоа. Додека Македонија има раст од 20%, во Србија растот е 50%. За истиот период, во Бугарија БДП на жител се зголемил 64%. Во Албанија, во периодот од 2017 до 2022 година БДП на жител пораснал 52%. Власта лажеше дека инфлацијата е увезена, а сведоци сме дека имаме 50% поголема инфлација од еврозоната.

По промената на власта, најмногу ќе работиме во делот на економијата и планираме сериозно да интервенираме во данокот на добивка и тоа за секоја компанија, без разлика дали е домашна или странска. Можеби, компанија што ќе дојде од Европа и од светот, која својот профитен центар или седиште ќе го донесе во Македонија, за деклариран профит до 20 милиони евра, данокот ќе остане ист, 10%, нормално, ако е реинвестиран 0%. Ако пријави профит околу 20 и 30 милиони евра, данокот ќе биде 8%, од 30 до 50 милиони евра ќе биде 6%, а над 50 милиони евра данокот ќе биде 5%, со што Македонија ќе се профилира како држава со најнизок данок на профит. За пензионерите ќе ги зголемиме пензиите линеарно за 5.000 денари. Ветуваме дека ќе го вратиме достоинството на оваа категорија на граѓани и ќе се бориме секој граѓанин да има повисоки примања.

Чувството меѓу народот е дека мирот и правдата се изгубија, се појави страв и трепет кај народот, особено по низата скандали кои ја одбележаа минатата година. Случајот „Онкологија“ беше прв во низата, а во очи на Министерскиот самит на ОБСЕ, кога земјата беше под најголема безбедност, се случи двојно убиство, на младата Вања и на велешанецот Панче. Граѓаните беа вознемирени и потресени. Излеговте во јавноста со тврдења дека постоел начин да се спречи криминалната група. Колку е Македонецот безбеден во својата земја?

Не е безбеден затоа што власта печали од несреќата на луѓето. За Онкологија, по таков грозоморен скандал и афера, нема ниту официјална истрага, туку сѐ заврши со предистрагата. Ароганцијата на институциите во постапувањето во случајот со Палевски, но и стимулирањето негови јавни настапи и неговото неказнување, а зад што седи директно власта, претставуваат последица на употреба на инструментите поради кои многу луѓе велат „доста беше“ и разочарани си заминуваат. За кој скандал имаше правна разрешница? Компанијата „Дурмо турс“ во чиј автобус настрадаа човечки животи кај Ласкарци, знаете дека сѐ уште работи, затоа што нејзините сопственици се блиски до партија на власта. До кога голобради момчиња ќе стануваа сопственици на трговски центри како „Соравија“, за кои е очигледно дека имаат врз себе повеќе од оправдани сомневања за криминал? Криминалот со оваа власт е исплатлив. Затоа мора да има промени, а потоа и одговорност за секој еден од овие случаи, но и за многу други што останаа отворени изминатите години.

Во честитката до граѓаните велите дека секој од нас пишувал честитка до своите најблиски. Вие напишавте честитка до граѓаните. Ветувате промени во оваа 2024 година. Од каде мислите дека треба да почнат промените за да се врати насмевката кај граѓаните?

Промените и решеноста за победа започнува од секој еден човек и во одлуката да се излезе на овие избори. Јас во политиката не сум на привремена работа или заработка, туку јас и моите соработници сме тука да ги менуваме работите на подобро, да изградиме нешто на што чекаат генерации и генерации Македонци. Првиот чекор кон тоа е одлуката да се гласа на овие избори, а при тоа да се земе предвид дека не се сите исти. Има разлика.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.