Мора да се договори датум за редовни избори. Еве му еден предлог на Ковачевски. Нека земе бел лист хартија и нека напише кој било датум сака помеѓу двата најголеми верски празника идната пролет и да одржиме парламентарни и претседателски избори на еден трошок, рече денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој во обраќањето на настанот по повод 23 Октомври, Денот на Македонската револуционерна борба и јубилејот, порача дека „обновата ќе дојде, а промените ќе бидат онолку силни, колку што ќе биде силна поддршката“.
Како што оцени Мицксоки, „оваа Влада, преку одбегнување да се договори датум за избори, оди кон свесно предизвикување уставна и политичка криза“.
-Срамота е што преку медиуми се договараме и лиферуваме датуми за редовни избори. Разбирам кога велат дека Ковачевски никој не го слуша во Владата, зашто ниту министрите, вицепремиерите и кај него во партија му имаат почит. Затоа е оддаден на шетање по светот и компаниите. Но, мора да се договори датум за редовни избори. Ќе доживеат жесток пораз и тежок дебакл од народот. Народот треба масовно, во огромен број да им ја прати пораката на овие избори – нема играње со народот. Народот е посилен од секоја тесна клика и елита која си игра со судбината и ја одзема иднината. Доаѓаат промени. Заветот на Организацијата и поинаквите цели кои мора да ги оствариме се да ја кренема Македонија на здрави нозе, истакна Мицкоски.
Тој рече и дека не сака да биде предмет на уцени при создавањето на идната влада.
-Затоа, го замолувам секој граѓанин да се вклучи и да излезе на следните избори масовно. Важно е гласот на секој човек да има важност. Лошите политичари се на власт, зашто тие ја користат неодлучноста на оние кои не гласаат. Воедно, народот треба да биде свесен за данајските игри на оние во опозицијата стимулирани од власта да глумат патриоти и да го ситнат отпорот против оваа власт. Нив ќе ги препознаете што имаат по некоја критика за власта, колку за да помислите дека се опозиционери ама за се друго и по професија и норма се критичари на опозицијата. Со часови навредуваат, плукаат, анализираат луѓе од опозицијата. Неприродно се занимаваат со ВМРО-ДПМНЕ кога ја имаме најнеспособната власт. Тие треба кај народот да внесат сомнеж за опозицијата и со секој нејзин потег и да ве одвратат од гласање. Мојата порака е не им верувајте, внимавајте. Одговорот на ова треба да биде да не пропадне вашиот глас за тие опозиционери и опозиција на опозицијата, туку масовно да се поддржи единствената сила способна и подготвена за промени ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, порача Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.