Мојата порака до оние кои се политички неопределени, сега не е време за молчење, сега не е време за да го одседите овој период, а посебно не денот за изборите, порача вечерва од Ресен претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Знам дека ќе се обидат да ве убедат дека секако ВМРО-ДПМНЕ победува, зарем до мојот глас е дојдено. До секој еден глас е дојдено, за да ја испишеме историјата до крај, таа историја која ја започнавме во 2021 година на локалните избори. Но, за да ја заокружиме со нова на двојните избори односно на претседателските и парламентарните избори потребна ни е мобилизација. Потребно ни е будење кај секој еден македонски граѓанин кој што не е задоволен од политиките на владата на СДСМ и ДУИ, рече Мицкоски пред граѓаните во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“.

Мицкоски потенцираше дека во државата нема трета опција или Македонија која се развива, или пак ќе бидат дел од друштвото на Ковачевски, Ахмети, Османи, Спасовски или Маричиќ, и затоа повика на мобилизација од страна на граѓаните.

Нема трета опција. Или си за Македонија, развиена и просперитетна, или за жал остануваш во друштвото на Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи, Димитар Ковачевски, Оливер Спасовски, Бојан Маричиќ и останатите, изјави тој и додаде:

Сега е изборот или со ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и се бориш за просперитетна, развиена и европска Македонија или остануваме да тонеме во криминал и корупција која што и денеска е секојдневие во Македонија и резултат на политиките на СДСМ и ДУИ. Затоа ни е потребна мобилизација и секој еден човек да ја пренесе пораката насекаде низ Македонија.

Мицкоски истакна дека еден од носечките проекти на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде токму децентрализација на јавните финансии од централниот буџет кон општините, но како што рече за да се случи трансформација на Македонија и да се подобрат условите за живот на граѓаните потребен е 61 пратеник.

Еден од носечките проекти на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде децентрализација на јавните финансии од централниот буџет кон општините. Овде во Ресен се предвидени директно за капитални инвестиции повеќе од 7,5 милиони евра, тоа се средства надвор од буџетот на самата општина. Такви ќе инвестираме повеќе од 250 милиони годишно на целата територија на Македонија, за да ги подобриме условите за живот. Но, за тоа да ние се случи потребна ни е поддршка од 61 пратеник. 61 пратеник за трансформација на Македонија, порача Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.