Едно дело на македонски јазик е непроценливо богатство. Дело од една национална културна ризница, која мора да биде се поголема и побогата. Секоја генерација ја има таа должност да твори и да го штити македонскиот јазик. Затоа што така ја штити и впрочем и Македонија. Затоа што така се штити и самиот себе од заборав, кажа лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски на трибината „Македонскиот јазик е бисерен ѓердан“ организирана по повод 21 Февраури, Меѓународен ден на мајчиниот јазик.

Негувајте го и чувајте го македонскиот јазик, тој е наше минато, сегашност и иднина, рече Мицкоски.

Јазикот на еден народ не е само средство за комуникација, тоа е врзивното ткиво кое ги поврзува поединците и ги прави целина, посебна по нешто во светот. Јазикот е всушност тоа што е белег на еден народ, односно јазикот е самиот народ. Кога говориме за македонскиот јазик и за неговото значење не може а да не си споменеме за Блаже Конески и неговата дефиниција за јазикот. „Јазикот е нашата единствена, целосна татковина“, ќе рече Конески и ќе даде совршена дефиниција за значењето на еден јазик и на еден народ.

Затоа што јазикот е чуварот не само на идентитетот на еден човек, тој е чуварот на неговиот фолклор, традиција, култура, чуварот на преданијата. Впрочем нашиот македонски јазик е наш мајчин јазик затоа што ни го предавале нашите мајки, а тие од нивните мајки и така натаму до предци кои можеби сме ги заборавиле, но нивниот збор сме го запомниле, кажа лидерот на ВМРО ДПМНЕ на трибината.

Според Мицкоски, на мајчиниот јазик се најубавите приказни кои некогаш сме ги слушнале, на мајчиниот јазик се најубави песните кои сме ги испеале, затоа што тие зборови најдобро ни го опишуваат битот кој во себе го носиме.

Еден јазик живее додека живеат луѓето кои го говорат и затоа треба да го негуваме и вардиме како свој дом, што би рекол Конески. Особено денес кога сме под атак и негација. Тоа е апсурдно и голем број лингвисти ќе се согласат, но за жал апсурдите се новиот предизвик со кој мораме да се бориме.

За таа борба потребни сме сите. Особено оние на кои македонскиот јазик им е дел од нивната научна работа. Македонскиот јазик е стар исто колку што постојат Македонци на овие простори во Македонија. Тој говор, македонскиот јазик, таа нишка постоела, суштествува и ќе опстане само благодарејќи на Македонецот кој го говорел, говори и ќе го говори.

Македонскиот јазик ако сакате е врзивното ткиво и на сите оние кои живеат во Македонија, а кои не се Македонци по род, бидејќи со македонскиот јазик најдобро може да се кажат маката, да ја споделат радоста со својот сосед.

Секој јазик е богатство и тоа е неспорно. Ние Македонците сме знаеле низ вековите да покажеме дека тоа сме го ценеле и вреднувале, но во исто време македонскиот јазик е и наше заедничко богатство кое мораме да го вардиме. Затоа што ни помогнало да се разбереме и заедно да опстоиме. Наша задача како општество и како институции е тоа да го поддржиме, изјави Мицкоски.

Да овозможиме јазикот да живее, и да се развива.

Институциите да обезбедат доволно средства и поддршка за зачувување, истражување и ширење на македонскиот јазик. Пред се тука мислам во светот, но во исто време и да овозможи услови македонскиот јазик да живее преку пишаниот збор, преку песни и дела кои ќе остават вечен неизбришан белег на македонскиот јазик.

Јазикот е духовен извор на еден човек кој му овозможува да расте и да се развива како личност, да создава и да осознава, да придонесува и да гради, и на крајот да остави вечен траг во културата, науката, и на меморијата на својот род.

Негувајте го и чувајте го нашиот мајчин македонски јазик, затоа што тој е наше минато, наша сегашност, и наша иднина, кажа Мицкоски на трибината.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.