Во политиката имаме многу политичари кои што влегуваат голтари, излегуваа милијардери и ценам дека имотот на голем дел од тие политичари и нивните потесен круг семејства изнесува веќе во милијарди. Пред да влеземе во тој ветинг на судството, кој што е памфлет барање, предлагам да се искористат постојните законски надлежности кои што ги има и Управата за јавни приходи и останатите институции во Македонија и да направиме ветинг на политичарите, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски запрашан за став во врска со ветингот во судството кој што се споменува во јавноста.
Од теренската активност за посета на реализирани проекти во Општина Аеродром во рамките на акцијата „Ова е Македонија за сите“, Мицкоски истакна дека нуди тој и неговото најтесно семејство да биде прв пример врз кој би се спровел ветингот или потеклото на имот врз политичарите.
Мицкоски додаде дека во Макеоднија многу е лесно да се испита стекнатиот имот и доволно е да се видат луксузно изградените недвижности и луксузни автомобили кои се возат по македонските патишта, на чии сопственици ако им се побараа потеклото на стекнатиот имот ќе се види дека пријавен им е само еден процент од тоа што поседуваат.
Нека почнат од мене и од моето семејство како прв пример. Јас лично сѐ ќе ставам на увид, нека тргнат од мене и ќе покажам потекло на имот. Многу едноставно можете во Македонија да го видите потеклото на луѓето, без разлика дали се политичари или луѓе кои што се активни во општествениот живот, или блиски до политиката, само доволно е да видите колку имаме луксузни недвижности изградено во последните години, да видите колку луксузни автомобили се возат низ скопските и низ македонските улици и ќе видите кои се тие луѓе, побарајте им го потеклото на имотот ќе видите дека имаат пријавено ниту еден процент од тоа што поседуваат, рече Мицкоски.
Мицкоски смета дека не се потребни импровизации и дека според постоечките македонски закони, може да се провери и да се види кои политичари и нивните семејства, кои стекнале огромни богатства, изминатите три децении ја краделе Македонија.
Многу едноставно, тоа можете според постоечкиот закон, не ни требаат циркуски атракции и да ја спуштаме дебатата на ниво на естрада. Едноставно треба чекор по чекор да ги искористиме постојните законски можности и да го провериме имотот на политичарите и на нивните семејства и ќе ви стане јасно кој и како ја крадел и пљачкал Македонија изминативе повеќе од три децении.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.