„И ќе потсетам дека оваа наша Македонија е создадена од надежите, страдањата и сонот на плејада генерации кои се вградија во темелите кои не држат и во најсилните потреси. Тие темели се полевани од борбата на илинденците, од перата и зборот на преродбениците, од солзите и лелекот на македонските мајки, од надежта на младите. Затоа ви велам ова е можеби последната шанса да ја спасиме Македонија и да ја вратиме на народот“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на Изборна единица 1 од ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Претседателот Мицкоски продолжи и додаде:

„Тие од власта ја одземаа. Направија системот да им служи на ним, а не на народот. Државните тендери станаа приватни. Најповторуваното чувство кај народот е дека нема систем, нема држава. Затоа што се создаде еден апарат воден од ДУИ, а опсулужуван од СДСМ кој ја потопи Македонија во криминал и корупција“, посочи Мицкоски.

Претседателот Мицкоски укажа на тоа дека власта се прогласила себе си за европејци, само за да не се збори за криминалот, а еден метар не мрдна за придвижување кон Европа.

„Се потплаќа за здравствен преглед, се фаќаат врски за образование, за добивање на субвенции. Не доведоа буквално до работ. Создадоа еден димен облак, спротстрија една завеса која им се вика Европската Унија. Се прогласија себе си за европејци, само и само да не се збори за криминалот, а еден метар не мрднаа и не не’ придвижија кон Европа. И од Европска Унија се срамат кога гледаат дека Артан и Бујар ги бранат. Додека за тоа зборат го посрамотија со штетни одлуки и договори секое национално чувство на Македонецот. Се однесуваат кон Македонија, нацијата и идентитетот како да сме некаков хибрид. Дека немаме спомени, дека немаме паметници и херои. Дрво без корен. А тоа е само затоа што не сакаат да погледнат околу себе“, дециден е Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.