Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христија Мицкоски, денеска уште еднаш порача дека партијата нема да прифати ниту сега, ниту во иднина уставни измени под бугарски диктат.

-Ако ова се условите коишто ќе останат и идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера да влезе во процес на уставни измени под овие услови, додека условите не се променат. А кои услови да се променат. Договорот тие го потпишаа со политичари кои не можат да испорачаат, немаат кредибилитет и длабоко се навлезени во криминал. Ние свесни за тоа, како државотворна партија, во многу наврати нудевме решенија. Го промовираа хрватскиот модел им го прифативме, па го одбија, им понудивме предвремени избори, гаранции… се одбија. Под овие услови ВМРО-ДПМНЕ, македонскиот народ и огромното мнозинство граѓани нема да прифатат. Додека не видиме добра волја од бугарска страна дека навистина сакаат да бидат добри соседи, бидејќи ги следам изјавите на нивниот претседател Радев кој вели дека сега дека тоа не биле бугарски барања туку европски, рече Мицкоски.

Нагласи дека европско барање е да се почитуваат европските одлуки на Судот за човекови права во Стразбур.

-И ако се се сведува на Копенхашките критериуми тогаш тие треба да покажат европски вредности и да ги почитуваат Копенхашките критериуми и за македонското малцинство и македонската заедница во Бугарија, да покажат добра волја дека тие навистина сакаат да бидат добри соседи, тогаш можеме да разговараме. Во спротивно, и во иднина ако ова остане вака како што е, за тие за жал 762 македонски граѓани кои себеси се сметаат дека го говорат мајчиниот бугарски јазик, според податоците од последниот попис, ќе нема место во Преамбулата, истакна тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.