Во предвечерието на 13 ноември, ќе кажам дека тоа е печат на нашата историја, сведоштво на храброста и на решителноста на нашиот народ да се бори за слобода и достоинство. На овој ден, Скопје извојува своја победа и таа победа е наша колективна гордост, наша заедничка инспирација. Овој ден сведочи и за солидарноста која овој град ја носи, но и поривот, длабоката желба и стремежот за слобода. Слободата која денес ја живееме неодминливо беше платена со жртви и човечки страдања, и ние таа ја извојувавме со сопствени сили и наспроти тенденцијата за прекројување на историските читанки и читањето на историјата во зависност од поединечните интереси, вистината е само една, единствена и неделива.
Ова вечерва го истакна премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на настан по повод 80 години од ослободувањето на Скопје.
Неговиот говор го пренесуваме интегрално во продожение:
Немаше администратори, туку окупатори, и таа историска борба не беше против одредени народи, ниту против одредени држави туку против фашистички режим кој беше поразен од Европа и слободарските народи, меѓу кој беше и македонскиот.
И затоа Скопје не е само град; тоа е душата на Македонија, срцето на нашата историја и симбол на нашата издржливост.
Оваа метропола повеќе пати израснуваше од урнатини, ги минуваше своите нај темни ноќи и се издигна посилна од кога било.
И денес, со секој чекор што го правиме, го носиме тој дух на нашите предци, кој нè потсетува дека слободата никогаш не доаѓа лесно и дека за неа треба да се бориме. Нема откажување, нема невозможни работи силата е во вербата во идејата, и степенот на жртва кој може да се поднесе за нивно остварување.
Сигурно ниту на Методија Андонов Ченто, ниту пак Димитар Влахов или Михајло Апостолски не им било ниту малку лесно да се соочат со најголемата фашистичка сила дотогаш, но тие веруваа во отпорот, веруваа во идеалите и потоа чекореа гордо низ Слободното Скопје.
Таа победа беше на нашиот народ и ние сега и сите генерации потоа ,после нас имаат право да се повикуваат на придобивките од таа победа.
Денес, кога ја чествуваме слободата на Скопје, ја чествуваме и нашата одговорност кон иднината.
Овој празник е завет – завет дека ќе ја чуваме и унапредуваме оваа слобода, дека ќе се грижиме за нашиот град и за нашата татковина.
Скопје е нашиот град. Нашиот дом. Градот распослан на Вардар, со скопското кале, старата чаршија, Водно и уште стотици илјадници места од нашата младост, од нашите животи. Град со премногу проблеми, но и град со душа, на градски култни места, паркови, маалски клупи и дружби, на скопските урбани ликови кои ги нема многу но се паметат и чуваат во спомените на скопјани. Град кој не заборавајте дека повеќе пати изникнуваше од пепелта, историјата која покажува дека требаше да биде уништен, за да живее, кој го преживеа жарот на Пиколомини, земјотресот, поплавите, но и град кој го даде Јустинијан, Мајка Тереза, многу познати уметници, музичари. Градот на Леб и сол, Меморија, на Горан Стефановски, Златното Славејче и Александар Џамбазов, стотици други кои се големата приказна, парче душа на овој град. Има и такви кои цртаат замислени граници, подигаат завеси, робуваат на стереотипите, бараат лева и десна страна на градот, но вистинските луѓе во реката Вардар не гледаат граница, туку точка на поврзување. Во Камениот мост не гледаат поделеност, туку точка на заедништво. Затоа што Скопје е едно и единствено кое не познава граници, кои ги надживува стереотипите, поделбите, ја замира омразата, и ја подигнува солидарноста. Во таков град јас израснав и во такви вредности јас верувам. И знам дека душата на градот не зависи од десетина луѓе кои се на позиции и кои го водат градот, туку од стотиците илјади останати кои живеат во него и се дел од нашето Скопје.
Денес Скопје се соочува со бројни предизвици. Градот го води администрација далеку од можноста да одговори на потребите на граѓаните. Во моментите кога во дел од напредните градови во светот имаат подземни железници и метроа кои се движат со повеќе 200 километри на час, во нашето Скопје е привилегија и бинго да ви дојде автобус со задоцнување помало од еден час. Да не говорам за тоа колку се потфрли во воспоставувањето на ред во сообраќајот, или третирањето на отпадот, или проблемот со кучињата скитници, кои неретко на туристите им изгледаат како некоја егзотична епизода на афричка сафари оаза. Навистина не мислам овој мој говор да го претворам во полемика за тоа што му треба на Скопје, или колку им е тешко на скопските градоначалници кога имаат неразумна страна од градот за да одговорат на потребите, и колку многу дадоа за напредокот на општините во состојба кога од другата страна имаат противник, наместо партнер во градот, ниту пак пробувам да се амнестирам за грешката наречена актуелна градоначалничка на Скопје, и колку таа ме чинеше и колку политички куршуми примив и колку ме разочара лично и ги разочара скопјани.
Сократ рекол животот без спознание вистински не вреди. Очигледно оваа лекција е научена и сега знам дека на Скопје му треба човек кој ќе обединува и кој има визија. Кој ќе има емпатија и ќе пулсира со градот. Кој ќе умее да ја негува душата на градот и ќе решава проблеми. Не го знам името на нашиот иден кандидат за градоначалник на Скопје, затоа што тоа е прерано, но го знам карактерот на личноста која ќе ја избереме. На Скопје не му требаат експерименти туку докажани луѓе и Скопје е уморно од големи приказни кои најчесно завршуваат како големи разочарувања.
Време е за нова страница, за зафаќање за решавање на клучните проблеми на градот. Загадувањето, организирањето на јавниот превоз, ставањето на ред во урбанизмот, поврзувањето и сообраќајот. На Скопје му е потребно човек кој докажал дека умее да работи, не му треба кадар кој ќе го пробуваме допрва дали ќе му тргне, туку човек кој ќе даде се од себе да ги решава проблемите. Човек со искуство, и реализирана личност. Кој го знае градот, кој има успешен живот. Тука е централната власт да помогне како што и помагаме на многу други општини од различни политички ориентации, кои досега побараа поддршка. Скопје мора да заврти нов лист, и да имаме нов почеток. Мора да обезбедиме механизми идниот градоначалник да го вети и реализира ветеното и од тоа да нема отстапување. Со целата наша помош да изградиме сеопфатна програма која ќе ги реши горливите проблеми на скопјани- урбанизмот, сообраќајот, превозот, истото така и почист воздух. И верувам дека тоа заедно ќе го оствариме.
Свесен сум дека загадувањето на воздухот е еден од најголемите проблеми што секојдневно го чувствуваме.
Честопати се срамам кога гледам како нашиот главен град – градот на слободата, сега е меѓу најзагадените градови во светот.
И посебно сум разочаран од тоа што се дозволи децении и децении ништо да не се преземе на оваа тема. И ве молам да не ја политизираме оваа тема, затоа што тоа е колективен неуспех на сите политички елити досега кои управувале со државата и градот.
Ниту една акција, ниту една стратегија, ниту еден проект – само тишина и неодговорност гледаме од најодговорните во главниот град!
Години наназад ова прашање се третираше со незаинтересираност и игнорирање, додека граѓаните ги чувствуваат последиците на своја кожа. Таквата пасивност се плаќа со здравјето на луѓето. И предупредувам дека оваа тема уште се политизира и тоа од оние кои уште на локалните избори во 2017та година ветуваа живот и чист воздух и потоа со прст не мрднаа. И зошто толку многу е тешка состојбата со загадениот воздух? Затоа што не постои едноставно ниту пак брзо решение, а секој кој ќе ви вели дека може преку ноќ да се исчисти воздухот верувајте дека нема ништо да направи. Состојбата е таква затоа што тоа е последица од нефункционалниот систем и системските пропусти со заштитата на животната средина и жалам што ова морам да го кажам повеќе од три децении. За да денес сите креваат раменици и прават поени од тоа.
Клучот е во системското делување и во големите вложувања во заштита на животната средина кои ќе ги исклучат главните фактори на загадување.
Во Скопје доминира чадот и штетните гасови, затоа што на некој со децении му одговара овој начин на затоплување и енергетска зависност од одредени горива кој дебело профитираат поединци. Во таа насока во голема мера инвестициите во енергетиката треба да се насочат кон енергенси кои не загадуваат.
Затоа денес сакам да објавам дека како влада планираме големи системски мерки кои ќе придонесат за намалување на загаденоста на воздухот, спроведување на детален план чиј финиш ќе биде чист воздух и здрава животна средина но и зголемена енергетска ефикасност.
Стратешки инвестиции гасни когенеративни централи треба да обезбедат топлинска енергија со значително и драстично намалување на загадувањето, и тоа ќе обезбеди меѓу другото и зголемена енергија која ќе се користи за развој на македонската економија. Државата и владата за таа намена е даде значителни субвенции кои ја поттикнат изградбата.
Ветувам промени и активно работам тие да се случат што поскоро.
Дотогаш,
Воведуваме строги ограничувања за нај штетните извори на енергија и ќе ги контролираме најголемите индустриски загадувачи.
Обезбедиме субвенции за граѓаните и фирмите кои ќе користат чисти енергетски решенија.
Ќе започнеме програма за масовно пошумување и засилено чистење на јавните простори.
Ова се мерки се само почеток, бидејќи иднината на Скопје и на Македонија е во чистата и здрава околина.
За ваквите чекори потребно е разбирање и заеднички напор и само така ќе успееме.
И додека преземаме мерки за решавање на многубројните проблеми, вредно е да споменам она што го правиме на политички план за одблокирање на Македонија и споровите кои како Влада ги наследивме со нашиот источен сосед, а кои се пречка за нашиот европски пат. И навистина она што може да се забележи во опозицијата е тоа што се збунети и не знаат кој пат да го фатат. Па така додека беа на власт секој ден лиферуваа информации дека само што не сме попуштиле и ете сега некои наши пратеници ќе гласале за францускиот предлог. Денес кога во едни тешки услови, геополитички настани премрежја, каде светот со големо внимание посветено работи на крупните прашања како што е војната во Украина, проблемите на Европа со гасот и други прашања, со силна фокусираност и посветеност се трудам да го ставам македонското прашање и нашата европска иднина на маса и да разговараме за фер и достоинствено решение. И различни импулси на збунетост доаѓаат од опозицијата која еднаш вели дека прифаќаме француски предлог, а другиот пат велат дека сме против европската иднина, а всушност тие ја гледаат ненаучената лекција дека денес има Влада која ги штити македонските државни интереси и со цела сила се обидувам да издејствувам фер и достоинствено решение и барам шанса Европа да ги слушне нашите аргументи. И не велам дека со голема сигурност ќе го убедам светот, но ќе бидам чист и спокоен пред граѓаните, дека сум направил се за да изнајдам решение кое нема да подразбира газење на интересите и ќе овозможи заштита на позициите во кои веруваме и ќе обезбеди европска иднина.
Кога одам на настани се фокусирам на пораката која што треба да ја испратиме а која што треба да допре до светот не ми претставува предизвик да секое ракување го проследам со фотографија и потоа да го објавам на социјалните мрежи како искрена и пријателска средба со некој од светките лидери, сакам тие средби да имаат суштина, како што имаа суштина и во Вашингтон и во Оксфорд и во Берлин со канцеларот Шолц, и во Будимпешта со претседателот Макрон и со претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен, и уште многу многу би рекол десетици такви слични средби.
Сигурно дека е тешко и дека е напорно, но ние тоа умееме да го правиме, без распродажба на државни интереси, без тајни коалиции, без бизниси под маса со Бугарија како што правеле претходниците. Не сум сигурен дали ќе успееме, иако даваме се од себе и имаме интензивна комуникација со нашите стратешки партнери, но сигурен сум, во тоа да бидете и вие сигурни дека нема ништо да прифатиме поради кое ќе ве засрамам вас народот и пред се и над се Македонија.
Јас крчма од државните и националните интереси нема да правам, и ќе направам се граѓаните да добијат европска иднина каква што заслужуваат.
И во меѓувреме, помеѓу две паузи на кои СДСМ ќе сака да ни соопшти некоја стратегија скувана на некое патување на претседателот на СДСМ во Дубаи, треба да остане забележано и денес дека СДСМ останува единствениот нереформиран дел од комунизмот во Македонија, упорно држејќи се до старите манири, без вистински погледи кон иднината.
Замислете – една група луѓе, вкоренети во корупција и криминал, се обидуваат да ви се продадат повторно како решенија.
Корупцијата е рак-рана која ја нагризува државата со децении, уништувајќи го потенцијалот на институциите и создавајќи недоверба кај народот.
Јас сум цврсто решен и можам да ви ветам – нема да има толеранција кон корупцијата!
Граѓаните имаат големи надежи и тие се нашата сила и со ништо нема да дозволам таа енергија и таа сила да згаснат затоа што некој се дрзнал да се вовлече себеси во коруптивни скандали.
Македонија премногу долго беше ограбувана од корумпирани поединци кои, под маската на политика ја злоупотребија довербата на народот.
Времето на таквите заврши!
Патот до правдата нема да биде лесен, но ние сме подготвени.
Жилави се оние малкумина кои се сеуште послушни слуги на коалицијата која седум години ја парчосуваше, ја делеше на парчиња правдата во Македонија. Жилави се и нема да се предадат лесно, се борат грчевито да ги заштитат своите стопани и затоа веќе со месеци мака мачиме пред секоја акција да убедиме некој од нив, но тие најчесто добиваат или стомачен вирус или наеднаш температура пропратена со жестоко потење и не се во состојба да постапат за нешто кое е толку очигледно и јасно, веќе другиот ден тоа е стара вест.
Но затоа нека биде сосема јасно. Нема да има компромиси и нема да има отстапки.
Корупцијата нема да биде дел од иднината на Македонија и сите оние кои го прекршиле законот, без разлика на функцијата, ќе одговараат за своите дела.
Ова е битка за секој граѓанин, за секој родител, за секое дете кое што сака да остане тука во Македонија.
Мојот тим и јас сме целосно посветени на оваа кауза.
Ова е моја лична и професионална одговорност пред вас.
Ќе го ослободиме системот од корупцијата, ќе изградиме држава во која владее правото и во која секој граѓанин ќе може да го оствари својот потенцијал.
Македонија ќе чекори кон Европа со гордост и со подигната глава.
Дојде време за достоинствена и просперитетна иднина за нашата татковина.
Денес, на овој посебен ден, кога се сеќаваме на ослободувањето на Скопје, стоиме обединети не само за да ја славиме нашата историја, туку и за да ја потврдиме нашата посветеност на иднината.
Ова е момент кога се подготвуваме за нови предизвици, со сила и верба дека ќе го направиме Скопје местото кое го заслужуваат сите наши граѓани, а Македонија место кое што сите ние го заслужуваме.
Ја преземаме оваа одговорност со срце и со посветеност.
Нашата цел е јасна – да изградиме стабилна, просперитетна и чесна држава во која секој граѓанин ќе има можност да напредува.
Се сеќаваме на зборовите на еден голем мислител кој ќе каже ‘Родниот крај е таму каде што љубовта и посветеноста се претвораат во дела’.
Оваа Влада, овој тим, се тука за да ја покаже својата љубов кон државата преку дела.
Нашата работа не е само политичка обврска – таа е израз на љубов и верност кон татковината.
Пред нас стојат многу предизвици, но јас силно верувам дека ќе продолжиме да чекориме напред со гордо подигната глава, со достоинство и со решителност.
Ги повикувам сите граѓани да ни се придружат на овој пат, бидејќи само заедно можеме да ја изградиме државата која сите ја сонуваме.
Победата не е недостижна работ, таа лежи во секој еден од нас.
Ова не е само борба за денес; ова е борба за иднината на нашите деца, за иднината на секоја генерација која што доаѓа.
Македонија е наша одговорност и наша гордост, и за ќе сториме ќе сè што е потребно.
Денес, со секој збор и секое дело, ја испраќаме пораката дека ние сме тука за да го изодиме патот до крајот.
Ќе го продолжиме патот што нашите предци го започнаа и ќе оставиме наследство на кое идните генерации ќе бидат горди.
Нека ни е честит Денот на ослободувањето на Скопје!
Градот убав повторно ќе никне.
Нека е вечно Скопје! Да живее и Бог да ја благослови Македонија, порача Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.