Не добив предлози од експертите и покрај моите повици за тоа да дадат предлози како да се врати довербата на граѓаните во правосудтсвото и затоа од денеска почнува реализацијата на она што ние го ветивме како реформа во правосудството, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференцијата по повод 100 дена Влада.

Тој летово зборуваше дека целосно ќе бидат распуштени Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, но по критиките дека тоа е мешање на власта во правосудството остави рок за предлози до крајот на септември како поинаку да се реформира судството. ВМРО-ДПМНЕ во својата предизборна програма најави и целосно нови закони од оваа област, како Закон за кривична постапка, Закон за Јавно обвинителство, Кривичен законик и др.

– Добивам забелешки за борбата против корупцијата, зошто не апсиме? Ниту како човек, ниту како универзитетски професор, ниту како политичар нема од тоа да правам естрада, ниту со злоупотреба на институциите да манифестирам сила, моќ и реваншизам. Мора да престане тој начин на однесување. Има закони, институции, криминалците таму ќе одговараат. Треба трпение, имаме партиски контаминирано судство. Затоа тргнавме со реформи во правосудството и дадов рок до октомври, но, ниту еден предлог не стигна до нас. Сите кои велеа дека сакаме чистка во судството и нова партизација, ги нема со предлози. Затоа од денеска почнува нашиот систем, нашата методологија, почнуваат реформите и нема запирање – рече премиерот Мицкоски.

Тој додаде дека Македонија нема време за чекање. Рече дека во правосудството добиваат големи плати, а малку испорачуваат.

– Откриени се случаи. За прв пат во историјата е фатен врховен судија со мито, член на Советот на јавни обвинители му бил соучесник. Откриени се поранешни пратеници, актуелни пратеници, директори со огромни криминали. Не правиме естрада од тоа и ќе ја почитуваме презумпцијата на невиност и тајната на истрагите. Ќе ставиме крај на таа пракса кога специјалци влегуваа дома кај пратеници, за да се задоволи суетата на политички моќници. Мора да сме цврсто на земја, да работиме тивко, но сигурно – рече МицкоскТој најави дека наскоро ќе имаат акциски план за реформата на правосудството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.