Премиерот Христијан Мицкоски попладнево изјави дека очекува до крајот на следната година, долгот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) да биде еднаков на нула.

Прашан дали Владата планира некако да помогне, бидејќи има информации дека ФЗО е во долгови, Мицкоски рече дека долгови има насекаде.

Долгови има насекаде. Тие се бројат во милијарди денари. Состојбата со ФЗО беше долг од пет милијарди денари. Видовте дека за помалку од 100 дена, за нешто повеќе од 80 дена, со заштедите и со доброто менаџирање, обезбедени се две милијарди денари од тие пет милијарди, да биде вратен долгот. Очекувам следната година до крајот веќе таа состојба да биде еднаква на нула, одговори Мицкоски на новинарско прашање за време на посетата на општина Кавадарци.

Премиерот Мицкоски додава и дека со ребалансот на буџетот, биле обезбедени една милијарда денари, наменети за исплата на К-15 на повеќе од 83.000 вработени во јавната администација, иако, како што рече, тие не биле предвидени претходно.

Обезбедивме повеќе од 1,2 милијарди за исплата на земјоделците. Долгови стари покрај редовните, што тие не ги предвиделе. Обезбедивме пет милијарди денари редовна исплата на пензиите на пензионерите, што тие не ги предвидоа. Плус, од 1 октомври, пензионерите ќе добијат еднократно зголемување од две и пол илјади денари, што си продолжува и понатаму и уште две и пол илјади денари согласно Законот на 1 април за март. Практично цело време, ветувањето што го имавме од тие пет илјади денари во првата година, го реализираме во првите девет месеци, дури и порано. Ќе потсетам дека, тоа е многу значајно, особено овде, дека вработените во АД „Водостопанство“ и АД „Национални шуми“, кои немаа земено плата со месеци, добија плата. И тука од страна на ребалансот, беа обезбедени околу половина милијарда денари, рече Мицкоски.

Премиерот додаде дека мора одвреме-навреме да се повторува што било оставено, во случај „криминалци од поранешната влада“ да играат на таа карта и „повторно да го потценуваат сопствениот народ“.

Ќе потсетам дека сметката на Владата на 24 јуни, што беше прв работен ден, беше минус двесте милиони евра, то ест, минус дванаесет милијарди денари. Тоа на ниедна влада, откако ние како држава, Македонија е независна, не ѝ се случило. Дури и по конфликтот во 2002 година, сметката беше позитивна, нагласи Мицкоски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.