Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за време на посета на општина Гази Баба одговарајќи на новинарско прашање коментираше за тоа како Македонија дојде до затегнати односи и студена дипломатска војна со Бугарија.
Мицкоски истакна дека и покрај сите отстапки кои ги направи оваа влада на штета на интересите на македонскиот народ, повторно со политичкиот аналфабетизам успеаја да ја доведат Македонија во една ваква состојба да трпи лавина критики и навреди од бугарски политичари.
И покрај свитканата кичма и покрај сѐ што попушти оваа влада, сѐ што прифати, нормално наспроти интересите на народот, сепак тие поради својот политички аналфабетизам успеаја да ја доведат во една ваква ситуација Македонија и граѓаните. И денеска ние да трпиме лавина критики, лавина навреди кои што доаѓаат од политичарите кај нашиот источен сосед. Некако како да сака некој намерно Македонија да ја втурне во едно сценарио каде што ќе се политизира европската интеграција на нашата држава, каде што ќе се политизира овој процес на отпочнување преговори со Европската Унија, па од политички маргиналци се создаваат политички херои. Политиката на тргни напред застани, па врати се два чекори назад, со таканаречената персона нон грата, па не се шегувавме, не беше тоа персона нон грата, само доведува до комплицирање на односите, затегнати односи и создавање на голема тензија во општеството, потенцираше Мицкоски.
Тој исто така ги повика властите во Македонија да престанат со ваквиот тип на аматеризам и дека за сѐ што е во заштита на македонските национални интереси ВМРО-ДПМНЕ е тука да подржи, а на политичарите во Бугарија им порача да се позанимаваат со стандардот на нивната држава која се иселува наместо да прават кампања за тоа кој повеќе ја мрази и плука Македонија.
Мојата порака до македонските власти е да престанат со овој тип на аматеризам, аналфабетизам и егзибиционизам и сѐ што е во заштита на македонските национални интереси ВМРО-ДПМНЕ е тука, да поддржи, да застане и да истапи во првите редови. А мојата порака до бугарските политичари е да се посветат на подобрување на стандардот во нивната Бугарија, наспроти тоа да градат кампања на тоа кој повеќе ја мрази и кој повеќе плука по Македонија и по Македонците, затоа што изминативе 30 години, за 30 проценти е намален бројот на жители во Бугарија и тоа не случајно тие бегаат надвор од Бугарија и покрај што се тие земја членка на Европската Унија, затоа што немаат доверба во политичарите таму, гледаат дека наместо да работат за интересите на бугарските граѓани, работат за личните интереси и се богатат, нешто слично што се случува и овдека, она што го работи владата на ДУИ поддржана од СДСМ. Политичарите треба да разберат дека треба да бидат во служба на народот и да бидат слуги на народот, а не да работат само за своите лични интереси и да ги задоволуваат своите хедонистички потреби, заклучи Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.