Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во својот говор на денешната трибина во Битола посветена за надворешна политика го повика Димитар Ковачевски на ТВ соочување за македонските граѓани да ги видат фактите за договорот за дел од коридорите 8 и 10д, да видат граѓаните како се трошат народните пари, а штом од власта се фалат дека тој договор е добар нема потреба Ковачевски да бега.

– И еве имам една јавна понуда до Димитар Ковачевски, самите велат дека се транспаренти, а бидејќи јавноста заслужува одговори, заслужува да знае како се трошат милијардите на народот, ајде да излеземе на дуел, бегаш од избори, бегаш од соочувања на различни теми, ајде да излеземе на дуел, јас и ти очи во очи и на тој медиум кој тој ќе го одбере, јавно да се соочиме само за овој договор. Еве нема да зборуваме за дебаклите во другите области. Само да зборуваме за договорот со кој на народот му се одземаат милијарди евра, да дебатираме за историскиот договор или да бидам попрецизен за историска пљачка, рече Мицкоски.

Мицкоски додаде дека ако Ковачевски одбие јасно е дека бега, како и впрочем и досега како што бега вие година и неколку месеци откако е поставен за премиер, и тоа би било кукавички начин, без одговори ниту кон своите политички соперници, ниту пак кон јавноста.

–  Затоа, ако работеле чесно, ако имаат чесен квалитетен договор кој нуди иднина, ќе се појави на дуел. Очекувам одговор во најскоро време, јас и тој да излеземе на мегдан, на ТВ станица во време и ден кога нему му одговара, а јас ќе дојдам таму, само нека  каже еден ден однапред и ете ме мене заедно со Димитар Ковачевски очи во очи, без одложување. Народот сам нека процени кој е крадецот, а кој е кочничарот, ама на крадецот на тој што лаже му се кратки нозете, а и срцето му е мало и не очекувам одговор од кукавица, рече Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ не е против градење, туку е против крадење, а разликата е огромна.

– Она што го кажуваа за епски проект се претвора во епски криминал. Аванси и пенали од 301 милион евра кажуваат дека џебовите на власта се полнат додека оние на народот се празнат. Не сакам да генерализирам, но суровата реалност наметнува прашања со 300 милиони евра за аванси и пенали од Ковачевски и Груби за приватниот изведувач колку само трикафти за болните од цистична фиброза ќе се набавеа, колку само клинички центри ќе се изградеа, колку само градинки и училишта ќе се направеа, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека дури и кога приватната компанија ништо не направи тие заработуваат, им даваат државни пари, за да заработат.

– И сето ова го кријат од јавноста и не го покажуваат договорот затоа што во него многу јасно се гледа дека владата ја ставила државата во подредена позиција. Не знаат веќе како да излажат, та сме биле против Америка, против градење, та сега викаат дека сме ги мразеле многу, Како дечиња во градинка се однесуваат зошто лоповите пред јавноста се фатени голи и овој срам не се издржува, изјави Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.