Повторно Димитар Ковачевски го вовлекува своето семејство во политички невкусни метафори, сакајќи да ме навреди и омаловажи. Сигурен сум дека тоа мило момче ќе се срами од ова што неговиот вујко му го прави. Посакувам да порасне во горд и цврст Македонец, спротивно од тоа што денес е неговиот вујко. Да се бори и ја сака својата татковина Македонија и да не го дозволи тоа што денес Димитар Ковачевски и го прави на Македонија – регираше денеска лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, откако премиерот Димитар Ковачевски даде изјава во која го спореди претседателот на ВМРО-ДПМНЕ со неговиот внук Никола, кој барал плејстејшн.

Мицкоски потсети што се случува денес во Македонија.

Македонија тоне на листата на корупција на “Транспаренси Интернешенл”, криминалот и корупцијата кои царуваат, немање раст на економијата, двојно повисока инфлација од Еврозоната, осиромашувањето на народот и половина милион што живеат со по 150 денари на ден, мафијашки убиства среде Скопје, палење коли и кафеани, крадење на оружје од полициски депоа, криминалните тендери.
За жал реалноста во Македонија е катастрофална, државата се распаѓа, тоне и е во хаос. Димитар можеби може да си дозволи да купи плејстејшн од бизнисите кои му цветаат, може дури и Али или Артан да ги викне да му купат и 50% од фирмата плејстејшн, и да го израдуваат повеќе, може дури и видео игра да си нарачаат во која ќе се херои, фудбалски ѕвезди, но во реалноста за жал секогаш ќе бидат криминалци во политиката кои гледаат како да се одржат на власт уште десетина месеци за да искрадат уште што може.
Моја лична порака до Димитар Ковачевски:
Другпат пред да кажеш нешто, размисли. Тие околу тебе што те хранат со вакви досетки непромислени, мора да разберат дека имате одговорност и дека животот е реалност, а времето не се враќа назад, лошиот и неинтелигентен хумор зборувај си го со тие малкумина соработници кои ти велат, браво шефе убаво му кажа, веројатно се разбирате добро, но те молам остави го семејството надвор од сето ова не го мешај. Тие се многу поголеми од твојата глупост. Овде сме јас и ти… сами, гради во гради, не го заборавај тоа!

Ковачевски претходно посочи дека привремени избори нема да има на крајот од мај и на почетокот на јуни, како што бара Мицкоски и ѝ порача на опозициската партија да се посветат на локалниот развој бидејќи имаат 50 општини со кои раководат.

„Тоа ме потсетува на… Имам јас еден внук Никола и цело време му викам: ‘А бе Никола, земи работи, книгата, учи, работи за да напредуваш’, а тој ми вика: ‘Купи ми ‘плејстешјн’. И што и да му кажеш, тој цело време вика: ‘плејстејшн, па плејстејшн’. И ова ме потсетува на претседателот на опозицијата, т.е. на мојот внук Никола, кој, наместо да се фати со работа, само бара да му се купи ‘плејстејшн’, така што сметам дека и тие треба да се посветат на работа во општините отколку само и само да повторуваат: ‘Предвремени избори’. Предвремени избори нема да има, ќе има редовни избори за кои го кажав резултатот“, рече Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.