Во право е Димитар Ковачевски кога вели дека европската агенда според коалицијата ДУИ поддржана од помалиот коалициски партнер СДСМ е сосема различна од македонската која е дел од вистинската европска агенда, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на денешната посета на Вевчани.

Никогаш нема да бидам дел од онаа агенда која во своето множество опфаќа милионски имоти на млади господа во центарот на главниот град Скопје без да има јасно потекло како го стекнале тој имот. Нема никогаш да бидам дел од онаа агенда која тие ја нарекуваат европска каде се местат тендери во четири очи се крадат граѓаните каде здравството е катастрофално, а пациентите умираат по ходниците, каде учениците книгите ги добиваат на крајот на учебната година наместо на почетокот, каде земјоделците, ако појдете денес во Источна Македонија, ќе видите дека и покрај тоа што акумулациите се преполни поради неисчистените канали не можат да добијат вода за наводнување на своите поседи – рече Мицкоски.

Мицкоски децидно кажа „јас дел од таква европска агенда како што промовира Владата на ДУИ поддржана од помалиот коалициски партнер СДСМ, нема да бидам“.

Мицкоски вели дека агендата на оваа Влада е криминална агенда, а не европска агенда.

Мојата, нашата, македонска агенда е токму онаа во која ќе се бориме против сето ова кое оваа Влада го промовира. Македонска, вистинска агенда секогаш, била, е и ќе биде дел од вистинската европска агенда, односно вистинските европски вредности кои треба сите ние да ги прифатиме – вели Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.