Поставувањето пратенички прашања се злоупотребува, обвини координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Мицевски на денешната Собраниска седница наменета за поставување пратенички прашања.
Според него, од вкупно 33 писмено одоговорени пратенички прашања, поставени на минатата седница, 23 се на власта, а само 10 на цела опозиција, односно шест на ВМРО – ДПМНЕ и четири на другите опозициски пратеници.
И повторно имаме изигрување на институтот пратенички прашања и повторно алатката за поставување пратенички прашања од опозицијата се злоупотребува. Повторно од 33 одговори на писмени пратенички прашања, од кои 23 се одговори на пратеници на власта. Станува иронично и смешно ова што се случува, пратеници од власта кои имаат директен пристап до министерствата и министрите, бидејќи доаѓаат од нивните редови, пратеничките прашања да ги поставуваат писмено и на тоа веднаш да добиваат одговори. А прашања поставени усно на минатата седница на колешка од опозицијата на која и беше речено дека трите одговори ќе ги добие писмено за оваа седница има добиено само еден одговор – рече Мицевски од собраниската говорница.
Тој забележа дека пратеничка од власта, која, според него, има поставено меѓу 100 и 120 писмени прашања, бара поединечно да се каже до каде е постапката за секој за добивање државјанство.
Иако согласно закон тоа е управна постапка која се води во МВР, за кое треба да се направат соодветни проверки, документација и да исполнуваат услови за добивање државјанство. Дали ако се смени власта може јас како пратеник за сите 5-6 илјади легализации во Општина Штип да побарам поединечно пратеничко прашање. Се злоупотребува институтот и алармирам до власта да не ги злоупотребува пратеничките прашања со вакви одговори – додаде Мицевски.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, побара да се стрпат до следниот собраниски мандат од кога треба да почне со примена новиот деловник и оти сега пратениците имаат такво деловничко право.
Да се стрпите до примена на новиот деловник, кога ќе нема таква можност. Не е злоупотребено, ова е деловничко право на пратеник, не кажува опозиција, власт. Меѓу две седници пратеникот зборува за пратениците не за опозиција и власт, има право да поднесува и поставува пратеничко прашање до соодветното министерство, односно институција. Ќе се стрпите уште пет-шест седници, од наредниот мандат тоа е дефинирано прецизирано во крајна инстанца. Тоа е доказ плус за потребата што го донесовме деловникот – рече Џафери
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.