ВМРО-ДПМНЕ, во контекст на формирањето на техничката влада и изјавата на премиерот Димитар Ковачевски нивните места да останат празни додека не ја гласаат техничката влада, посочува на членот 3 од Законот за Влада, во којшто, меѓу другото, се вели дека „мандатарот предлага министри за секое од министерствата утврдени со закон и министри без ресор“. Опозициската партија се уште нема донесено одлука за кадровските решенија во министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика и за дополнителните заменици министри. Засега се најавува само седница на Извршниот комитет на партијата за среда.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски ваквите изјави ги оценува како „политички аматеризам“ или „политички дилетантизам“ затоа што, како што нагласува, Уставот и законите се доволно прецизни и јасни.
Ние како ВМРО-ДПМНЕ побаравме укинување на оваа пржинска влада затоа што знаеме до што се може да доведе и знаејќи ги потезите коишто власта во очај ќе ги презема во наредниот период. Инаку, многу јасен е Законот за влада каде што во член 3 се вели „мандатарот предлага министри за секое од министерствата утврдени со закон и министри без ресор“. И тука ставаме точка и тоа е тоа кое што треба да го испочитува кандидатот за мандатар. Ние од кандидатот за мандатар се уште немаме слушнато изјава по однос на ова, меѓутоа можеме да ги насочиме да го погледнат член 3 од Законот за влада, рече Мицевски.
Тој вели да тргнеме од основните работи и прашува ако нема министри кој ќе ги потпишува на пример, платите во Владата.
Ние не можеме да имаме дополнителни министри или заменици кога Законот е сосема јасен дека органи на управи се Владата, а во владата раководат министри. Сето друго е надвор од Уставот, надвор од се она што го даваат законските регулативи во нашата држава, посочува Мицевски.
За тоа кога ќе бидат соопштени имињата на нивните претставници во техничката влада, тој рече дека до крајот на неделата има уште време за тоа. Потврдува дека е планирана седница на Извршниот комитет за среда, но и тоа зависи од тоа што ќе се случува во наредните денови.
Затоа што очигледно е дека немаме конкретен датум и немаме оставки, така што во наредните денови до крајот на неделата, односно до рокот којшто ќе биде утврден врз основа на оставките, ВМРО-ДПМНЕ ќе разговара и ќе предложи свои кандидати за сите овие отворени места, рече Мицевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.