Според древното канонско правило, Македонската православа црква има право на афтокефалност и Српската црква тоа треба да го допушти, смета митрополитот пловдивски Николај.

Тоа право, според еден од највлијателните митрополити на Бугарската православна црква, го има и црквата во Украина.

Во пресрет на Великиот пост, кој започнува в понеделник, митрополитот Николај повика на смирение, скротување и смирение на страстите и луѓето. Во деновите на постот луѓето мора да се молат Господ да им даде сила и да ја прекине војната во Украина и да побараат прошка, бидејќи нема друг пат.

Митрополитот пловдивски Николај рече дека пред многу години во Украинската епархија на Руската православна црква започнала желбата за одвојување како автокефална. Тој потсетува дека постои древно канонско правило според кое црквите ги следат административните територијални поделби и државните граници и при создавањето на нова територијална и државна единица имаат право на своја автокефална црковна организација, јави дописникот на МИА од Софија.

Митрополитот Николај потсети дека така се основани Бугарската црква, Српската и Романската црква и самата Руска православна црква, која се одвои со благослов на Мајката Црква – Цариградската патријаршија, кога беа создадени соодветните современи држави.

Според него, сега се очекува Српската црква да и додели автокефалност на Македонската црква, додавајќи дека црквата во Украина очекувала да добие автокефалност од Московската патријаршија, која не требало да ја одбие. Поради недоразбирањето со Московската патријаршија, Цариградската патријаршија, која е мајка на сите помесни православни цркви, ја призна Православната црква на Украина. Тензии, вели пловдивскиот митрополит, предизвика и прогласената руска егзархија во Африка, во диоцезата на Александриската патријаршија. Неколку месеци по овие последни настани, започнува војната меѓу Русија и Украина, и Русија тргна да одвои дел од Украина, вели митрополитот Николај и прашува дали се гледа врската што тој ја забележал? Очигледно чашата се прелеа. Митрополит Николај во своето слово праша до каде и до што може да доведе ставањето на Црквата во функција на целите на световните владетели, што според него е уште еден огромен грев.

– Православната црква е одговорна само пред Христа и не може да му служи на ниту еден секуларен владетел и да стане инструмент за постигнување политички и геополитички цели, ниту пак да проповеда друга вистина. Оние кои заборавиле, за жал, плаќаат и ќе плаќаат жестока цена додека не се сетат на тоа, рече митрополитот пловдивски Николај, додавајќи дека овој принцип функционира неумоливо и непоколебливо.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.