Митрополитот на Повардарската епархија Агатангел во своето Велигденско послание порача до верниците дека е потребна одговорност кон себе, кон општеството, да се потпраме на вредностите на православието оти важно е какво општество и каква држава ќе изградиме.

Мораме да бидеме одговорни како за себе, така и за општеството и околината што нè опкружува. Не смееме да потонеме во самодоволност и сув индивидуализам. Човекот не е створен да биде сам и осамен во светот. Не смееме да бидеме небрежни за својот ближен, за страдањето на братот, за животната средина во која ги раснеме нашите деца…Важно е за човекот да живее во мир и благосостојба, важно е какво општество и каква држава ќе изградиме. Тоа не се прашања што не треба да нè засегаат. Добро е да знаеме кои сме, што сме и од каде сме. Од Христа сме откупени, скапо сме платени преку Неговата сечесна крв. Он, преку Своето славно Воскресение, преку Својата неизмерна љубов, ни го подари највисокото достоинство. Не смееме на Неговата татковска грижа да одговориме со незаинтересираност и самодоволно повлекување. На Бога со камен не треба да фрламе, раката што дава не треба да ја сечиме – така нè учеле и воспитувале нашите предци, вели владиката Агатангел во посланието објавено на веб страницата на Повардарската епархија.

Според него, иако човекот денес живее во изобилство, понесреќен е и попотиштен од кога и да е во неговата долга историја

Македонскиот народ илјадници години непрестајно на Бога благодарност и пофални песни Му вознесувал. Знаел нашиот мудар народ дека секоја тиранија е привремена, дека секое зло е краткотрајно. Денес, пак, злото, покрај тоа што си го зачувало својот вообичаен облик, има и некакво друго, поинакво лице. За жал, во тешка состојба сме доведени. Денес, иако човекот живее во изобилство, сепак е понесреќен и попотиштен од кога и да е во неговата долга историја. Денешниот човек е збунет и дезориентиран. Тој како да не ја препознава вредноста, како да не знае што е нормално, а што застрането, потенцира митрополитот Повардарски Агатангел.

Сега, како генерација, додава тој, мораме да застанеме на патот на оваа демонска наезда, оти ако тоа час поскоро не го сториме, духовно ќе се разориме себе си одвнатре и дури тогаш ќе станеме морално плитки и исушени.

-Затоа, македонскиот народ нема друг избор освен да се ослони на Бога, да се потпре на Неговиот спасоносен столб, кој го држи и покрепува секое човечко здание. Само така и на тој начин ќе опстоиме. Македонското име, идентитет, историја и традиција не смеат да бидат претворени во роба за трговија. Тоа е срамно и неправедно, а уште помалку морално. Ова важи како за македонскиот народ и држава, така и за Црквата, порача митрополитот Повардарски Агатангел.

Потенцира дека мнозина подло ќе се обидат да ни го омаловажат и искривоколчат секој наш успех и достигнување. Но, вели, имајте секогаш предвид дека со Христос победуваме, он ги штити и запазува праведните, оти Самиот Тој е правда и вистина. Христос е живата радост која го исполнува секое осамено и повредено срце.

Од изворот на Воскресението Христово постојано и непрестајно да се напиваме. И ние еден ден ќе Воскреснеме во новиот живот исполнет со вечното. Нека ја штити и закрилува Господ нашата татковина Македонија и нашата Света Македонска православна црква – Охридска архиепископија. Македонскиот православен народ нека создава дела за вечно паметење. Блажен е овој народ што го срамат и прогонат, и што говорат против него секакви лоши зборови и лаги – заради Христа! Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата, порача Митрполитот Повардарски Агатангел.

Утрово на прв ден Воскресение Христово – Велигден, се служеше Златоустова литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица“, а со литургијата во храмот „Св. Кирил и Методиј“ чиноначалствува митрополитот Повардарски Агатангел.

Најрадосната вест за Христовото Воскресние синоќа на полноќ беше објавена низ сите православни храмови на Повардарската Епархија. Во Соборниот храм на Повардарската епархија „Св. вмч. Пантелејмон“ во Велес со литургијата чиноначелствуваше митрополитот Повардарски Агатангел, а литургии посветени на воскресението на Хириста се одржаа и во трите градски цркви – „Св. Кирил и Методиј“, „Вознесение Христово“ (Св. Спас) и „Св. Јован Крстител“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.