Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески вели дека на лидерската средба ќе се зборува за европската иднина на земјата, односно за сите прашања поврзани со евроинтеграцијата, а не само за уставните измени. Во гостувањето во „Само вистина“ тој повтори дека сите партии се согласни дека стратешка цел е членство во ЕУ.

-Ќе се зборува за влегувањето на Бугарите во Уставот, но сите партии што сме определени за ЕУ треба да разговараме на една таква средба. Лидерската средба, покрај претседателите на партиите, ќе биде со учество и на пратениците или претставници на пратеничките групи. Поканети се сите што се определиле за евроинтеграцијата, истакна Митрески.

Тој рече дека барањето за внесување на Бугарите во Уставот во минатото било всушност барање на Скопје, а не на Софија.

-И пред ние да бидеме на овие позиции, во 90-тите, 2001, па мислам и во 2018 година, било наше барањето Бугарите да бидат внесени во Уставот, но тогаш Бугарите не сакале. Според нив, тие ни ја признаваат државата, но велат дека станува збор за еден народ во две држави. Вака, со уставните измени, ќе се разграничат двата народа, македонскиот и бугарскиот во Уставот, рече Митрески.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.