Власта на Ковачевски и Ахмети има само една силна страна – успешно знае како да влезе од грешка во грешка. Но, неуспехот е голем, таа фатална грешка од попустливата надворешна политика која ја водеа, ја чини Македонија ново столче. И повторно, тоа столче не е на масата на ЕУ, туку во чекалната, истакна на денешната прес-конференција Марија Митева, портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
-Високите европски претставници сметаат дека Македонија не е спремна да ги започне преговорите со ЕУ не поради Бугарија, туку поради високото ниво на криминал и корупција во врвот на власта.
Додека ги манипулираа граѓаните и се криеја зад европските вредности, во Македонија проширија епидемија на корупција. Сржта на проблемот за ненапредокот на Македонија и немањето почеток на преговори со ЕУ е во немањето правна држава, поради владеењето на криминалот и несправувањето со корупцијата. За сите овие работи зборуваа сите наши стратешки соработници, дипломати, меѓународни организации, но Социјалдемократскиот сојуз и ДУИ мислеа дека ќе успеат да го сокријат тоа зад името кое сами си го дадоа – проевропска влада.
Иако се од ова беше нотирано и во сите извештаи кои ги добивавме од ЕУ, власта на Социјалдемократскиот сојуз и ДУИ одлучи тоа да го игнорира и премолчува. Ковачевски, Маричиќ и Османи кои деноноќно беседеа дека Македонија има пријатели, не успеаја до денес да ги убедат високите претставници да ја убедат Бугарија да го повлече ветото, а најдобар доказ дека тоа е возможно е почетокот на преговори со Украина. Дополнително, Социјалдемократскиот сојуз и германскиот канцелар Олаф Шолц се од исто политичко семејство на социјалдемократите, па се прашуваме зошто тие не го замолија бугарскиот премиер да ја напушти салата на кратка кафе пауза за да се изгласа одлуката Македонија да ги започне преговори со Европската Унија и на тој начин да се реши проблемот?
Затоа најмалце што можат да направат е да им се извинат на граѓаните за сите лаги, манипулации и ветувања кои им ги даваа додека нивната власт развиваше корупција.
Не успеаја да излобираат ништо за Македонија само затоа што никој во ЕУ не сака криминогено и корумпирано друштво. Последните одлуки покажаа дека секоја пречка ќе беше возможно да се надмине ако во Македонија имаше систем на вистински европски вредности, правна држава, реформирано судство и обвинителство и силна борба против криминалот.
Жалиме што владејачкото мнозинство не препозна кои се вистинските позиции за Македонија. Ситуацијата во која се наоѓаме денес е резултат на погрешните политики кои власта на СДС и ДУИ ги имаше сите овие изминати години, каде од една страна зборуваа за Европа, а од друга страна ги развиваа криминалот и корупцијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.