Сите надоместоци за сите вработени согласно Колективниот договор за првпат целосно се исплаќаат зашто многу средства од Министерството за одбрана се одлеале по основ на судски трошоци токму за таа намена, но најголем проблем е што тие средства за судски трошоци не биле исплаќани, оцени денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски.
Како што посочи, затекнал сериозна финансиска состојба во Министерството за одбрана заради тужби во вредност од преку 17,6 милиони евра од 2021 година наваму на име судски и адвокатски трошоци, а само годинава за таа намена се исплатени 6,2 милиони евра.
Многу средства се одлеани по основ на судски трошоци, а најголем проблем е што не биле исплаќани вишокот на работни часови согласно Колективниот договор. Наместо да се исплаќаат 32 се исплаќале 8 часа прекувремена работа и по разни други основи. Се работи за илјадници пресуди од кои дел се уште пристигнуваат – рече Мисајловски во одговор на прашање на денешниот отчет за 100 дена Влада.
Иако имало тужби по разни основни судови, првата позитивна пресуда ја донел судот во Кичево и од тогаш има судска пракса за нивно исплаќање.
Препорака на Влада е да направиме спогодби за да не се плаќаат за побарување од 3.000 денари судски трошоци од 90.000 денари. Досега потрошените 17 милиони евра се одлични средства за набавка на лична опрема за сите во војската. Затоа еден од приоритетите е навреме да се исплаќаат сите додатоци на плата предвидени со Колективниот договор за да не ни се случи такво нешто во иднина – посочи Мисајловски.
Го повика Јавното обвинителство докрај да ги истражи причините за настанатата ситуација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.