Одговарајќи на прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ инсистира на брзи избори плашејќи се од лоши резултати на дел од градоначалниците, партискиот потпретседател Владо Мисајловски рече дека во ваква ситуација за општините ќе биде многу полесно доколку централната власт е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ
Во општините има големи проблеми, некои од градоначалниците се соочуваат со големи долгови и немаат како да ги вратат средствата. На пример, во Ѓорче Петров имате преку 2,5 милиони долг и сето тоа мора да се менаџира со централната власт, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.
-Никој од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ не бега од одговорноста што ја презел и секој од нив ќе се обидува да си ги реализира проектите. Сепак, од централната власт нема доволно средства за капитални проекти бидејќи слушнавме дека сега со овој ребаланс ќе крателе 100 милиони за непродуктивни трошоци. Зошто не им дадоа по еден милион во секоја општина да се направеше по една градинка, праша Мисајловски.
Тој посочи и дека во ваква ситуација за општините ќе биде многу полесно доколку централната власт е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на прашањето дали неговата партија инсистира на брзи избори плашејќи се од лоши резултати на дел од градоначалниците.
-Без разлика дали едното со другото е поврзано или не, предвремените парламентарни избори и локалната самоуправа, верувајте дека многу повеќе ќе им се помага на сите општини доколку ВМРО-ДПМНЕ е на чело на централната власт. Тоа што со месеци ЗЕЛС бараше средба со Владата е тотален апсурд. Владата со месеци не сакаше да разговара со градоначалниците кои се одговорни за милион луѓе и, на крај, кога се одржа таа средба, немаше никаков бенефит, рече Мисајловски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.