Претседателот на собраниската Комисија за деловнички и мандатно имунитетни прашања Панчо Минов не бега од тоа да ја свика комисијата за скандалозното однесување на претседателот на Собранието Талат Џафери кон дел од вработените, но чека пријава и докази.
Собраниската комисија со која претседава Минов е надлежна за почитување на Кодексот за етичко однесување на пратениците. За снимката на која наводно Џафери изрекува пцости кон вработени во законодавниот дом, пратеници на ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека имаат и сведочења на дел од вработените.
Во зависност од оценката на членовите на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања за тежината на прекршокот, може да се изрече јавна опомена или да се донесе одлука и за суспензија на пратеник во траење од еден месец или забрана да претседава со работните тела на Собранието во траење до еден месец.
Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе поднесат писмена иницијатива за да се свика седница на Комисијата за имунитетни прашања и дека имаат сведочења за инцидентот. „Навредите и пцостите што ги изрече Џафери беа искажани пред сведоци кои се подгитвени да сведочат и на седница“, велат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека е сторена тешка повреда на Етичкиот кодекс, пратеник вршел притисок на државни службеници и на други вработени во Собранието во извршувањето на нивните работни задачи.
На аудио снимката се слуша како маж извикува навредливи и недолични зборови, наводно кон вработени во собраниските служби.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.