23 Октомври и создавањето на Внатрешната Македонска организација заедно со настанот Илинденското востание ја одредија иднината на македонскиот народ како државотворен народ, вели проф. д-р Михајло Миноски на денешниот Научен симпозиум 129 години ВМРО „БОРБА ЗА МАКЕДОНИЈА КОЈА ТРАЕ“ во организација на ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа што не беше постигнато во периодот по Илинден до почетокот на Втората Светска Војна кога продолжуваа борбите со многу жртви, се реализира македонскиот народ, се реализира Илинденскиот идеал, идеалот на Македонската револуционерна организација во Втората Светска Војна, исто така со многу жртви, со самостојна борба ја издвојува својата слобода и создаде своја македонска национална држава конституирана на АСНОМ 1944 година. Тоа беше историско постигнување на македонскиот народ, идеал кој што беше вграден токму на овој ден пред 129 години. По конституирањето на македонската држава, таа како суверена, самостојна македонска држава влезе во составот на југословенската федерација како рамноправна конститутивна членка, со сите атрибути на самостојна државност и еднакво рамноправна со другите конститутивни држави. Македонскиот јазик стана службен јазик еднакво како и српско-хрватскиот и словенечкиот во Југословенската федерација, додаде тој.

Миноски се осврна на сегашната состојба во државата, посочувајќи дека владата од позиција на власт со потпишување на двата договори со Бугарија и Грција си дала за право да го менува идентитетот на македонскиот народ и со тоа извршила атак врз македонската историска наука.

Македонското државно раководство, односно последната влада на Република Македонија со потпишувањето на двата договори со Република Бугарија и со Република Грција практично изврши атак на македонската историска наука како нерелевантна историска наука и започна со наметнување на прекројувањето на промената на идентитетот на македонскиот народ и на македонската држава и следуваа промените на уставот и си даде за право да го менува историското минато, истакна тој.

Миноски изјави дека секој еден Македонец, секој еден политичар треба да си го постави прашањето што направивме, што правиме и што треба да направиме за в иднина да ја сопреме ваквата погубна политика на сегашната влада.

Треба да се постави прашањето пред секој еден од нас, пред секој Македонец, пред интелектуалците, пред политичките партии, пред политичарите, што направивме, што правиме и што треба да направиме за в иднина да ја сопреме ваквата погубна политика на сегашната влада, кажа Миноски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.