Министерот за образование, Јетон Шакири, ги потврди информациите кои изминатите денови ги откри опозицијата, дека во нов предлог за наставните планови во основните училишта во земјава, се крати бројот на часови по македонски јазик.

Одлуката со која се намалуваат часовите по македонски јазик во второ и трето одделение од шест на пет неделно, не треба да се поврзува со теми важни за општеството – изјави Шакири денеска во Собранието, одговорајќи на пратеничко прашање дали ваквата одлука мораше да се потпише на 12 јули, во екот на протестите против францускиот предлог.

Според Шакири, ваквата измена на наставните програми предвидува намалување на бројот на часови и за албанскиот и за други јазици, но ќе се компензира со часови за читање и други дополнителни активности.

Ова не треба да биде предмет за дискусија и не би сакал да се поврзува со теми важни за нашето општество зашто кога се донесуваат одлуки за усвојување на една студиска програма за новата учебна година, не е битно кога тоа се прави – кој датум или кој месец. Програмите ги носи Бирото за развој на образованието, а нивното потпишување е редовна постапка во Министерството за образование – истакна Шакири.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.