Континуираната поддршка на Франција на нашето приближување кон европските образовни стандарди продолжува, а двете Влади ја продлабочуваат и досега одличната соработка. Ова беше нагласено на денешната работна средба на министерката за образование и наука Весна Јаневска со амбасадорот на Франција Кристоф Ле Риголер, на која се разговараше за актуелните политики на министерството насочени кон подигнување на квалитетот на образованието.
Министерката Јаневска рече дека во тек е создавање на законска рамка за промена на лошите резултати на ПИСА и другите меѓународни тестирања како и постигнување на академски квалитет што ќе се одрази на пласманот на Шангајската листа. Информираше за процесот на оптимизација на училишната мрежа, за воведувањето едносменска настава и подолг престој на учениците во училиште, како и за изработката на нови наставни програми и учебници во основното и во средното образование.
Соговорниците посочија дека заеднички интерес е унапредувањето на квалитетот на билингвалната настава во франкофонски двојазични паралелки во средните училишта во државава, како и зајакнување на наставата по француски јазик во основните и средните училишта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.