Незаконското уверение за положен правосуден испит на Б. Џафери е ништовен акт и има основ да се поништи согласно член 124 од Законот за општата управна постапка!
Вовед, што кажа Б. Ивановска, вели Антонио Милошоски.

Претседателката на Антикорупциската комисија г-ѓа Ивановска, вчера на Телма за синот на Талат Џафери, кој положил правосуден испит пред да заврши факултет, а сега ќе биде обвинител, изјави дека “државата нема правни или други механизми со кои би се санкционирале овие случаи”. Оваа изјава на Ивановска можеби се должи на недоволно познавање на управното право или пак на фактот што таткото на Б. Џафери е претседател на Собрание, а неговиот роднина е член во Антикорупциската комисија.

Законски основ за решавање на скандалот со Б. Џафери:

Во правниот систем на Македонија има законски одредби кои и денес може да спречат јавни обвинители да станат лица кои без завршен факултет положиле правосуден испит. Полагањето на правосудниот испит е управна постапка, која се поведува со поднесување на барање на кандидатот до Министерството за правда и која завршува со издавање на Уверение за положен правосуден испит како управен акт издаден од министерот за правда.
Неспорно утврден факт од Антикорупциската комисија е дека кандидатот за обвинител Барлет Џафери се стекнал со уверение за положен правосуден испит, иако не ги исполнувал двата кумулативни услови за полагање правосуден испит, т.е немал завршен правен факултет и бил без работен стаж.

Решението на овој правен и политички скандал со Б. Џафери лежи во примената на членот 124 од Законот за општата управна постапка, каде утврдено е дека за ништовен се огласува управниот акт кој со своето извршување би можел да предизвика некое дело казниво според Кривичниот законик и во други закони и што содржи неправилност, која според некоја изречна законска одредба е предвидена како причина за ништовност. Во конкреткиов случај уверението за положен правосуден испит издадено на Б. Џафери е управен акт.

Во членот 125 став 3 од Законот за општата управна постапка е утврдено дека Органот (во случајов Антикорупциска) кој ќе дознае за управен акт со кој е повреден законот, а повредата може да биде причина за поништување на управниот акт, должен е без одлагање за тоа да го извести јавниот орган надлежен за поведување постапка и за донесување на управниот акт. Согласно чл.125 Антикорупциската комисија е должна да го извести

Министерството за правда дека дошла до сознанија за ништовен управен акт издаден од ова министерство.
Дополнително, претседателката на Антикорупциската нема изговор за застареност на скандалот, бидејќи во ставот 2 од чл.124 од ЗОУП е определено дека управниот акт (уверението за положен правосуден испит на Б. Џафери) може во секое време да се огласи за ништовен по службена должност.
Врз основа на овие законски одредби Антикорупциската може уште денес да го извести Министерството за правда, а ова министерство може уште утре да го поништи Уверението за положен правосуден испит на Барлет Џафери, затоа што за овој управен акт нема застарување и нема рок за поништување на незаконски управни акти.

Во членот 125 од Законот за општата управна постапка е уредено дека со поништувањето на управниот акт и со огласувањето за ништовен се поништуваат и правните последици што ги произвел таквиот управен акт. Односно откако Уверението за положен правосуден испит на Барлет Џафери ќе се огласи за ништовно, ќе се поништат и правните последици што истото ги произвело во правниот промет ex tunc, односно истото ќе се смета дека и воопшто и не било издадено. Со тоа de facto и de jure ќе се утври дека Барлет Џафери во моментот на аплицирање не ги имал исполнето условите за влез во Академијата за судии и јавни обвинители.

Значи правни механизми за разрешување на скандалот има, но прашање е дали има волја кај Ивановска и нејзините колеги во ДКСК да постапуваат по словото на законот?!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.