Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски на Фејсбук прашува што ѝ ветил претседателот на Собранието Талат Џафери на делегацијата од Чеченија која била во посета.

-Чудна посета на Собранието на Македонија се случила на 10.07.2021 година кога Талат Џафери како Претседател бил домаќин на делегација од руската Чеченска Република. На чело на чеченската делегација бил Абдул-Вајед Нијазов, марионета на Кремљ во тамошниот “Исламски културен центар”, поранешен пратеник во Думата и основач на здружението “Муслиманите во поддршка на Претседателот Путин”. Иако за секоја средба со странски гости собранискиот Спикер ги информира медиумите, овој пат Талат Џафери одлучил да биде дискретен и да не сподели што разговарал и дали нешто му ветил на контроверзниот гостин⁉️

Гостите од Чеченската Република го посетиле и Тетово каде објавиле дека со општината се договориле за изградба на парк и споменик на Ахмат Кадиров, првиот претседател на Ч.Р. и носител на орден “Херој на Русија”. Инаку Ахмат Кадиров е татко на сегашниот деспотски шеф на Чеченската Република, Рамазан Кадиров, кој со неговите војници ревносно му помага на претседателот на Русија во инвазијата врз Украина, често извршувајќи ги најбруталните операции.

Во чест на милениците на Путин од Чеченската Република бил организиран и свечен ручек во елитниот хотел “Буши” во Скопје, но нема информација дали сметката е платена од буџетот на Собранието или платил некој друг. На собраниската веб страна нема информации за овој настан, но за среќа во Агенциите за безбедност има детални извештаj, пишува Милошоски на Фејсбук.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.