Владимир Милчин пренесува еден од последните написи на неговиот татко Илија Милчин, речиси изгубени во купиштата весници, списанија и книги, посветени главно на Македонците и македонскиот јазик.
Визбата веќе беше преполна, а неговата фотелја во дневната соба беше сардисана од архивата која растеше сè до неговата смрт на 11.3.2002 година. Таа стави точка на неговата посветеност на борбата против молкот и заборавот, вели режисерот.
Написот е објавен во скопски Дневник, 1.8.1997 година:
Чудно нешто: порано нашето минато ни го искривуваа непријателите, а сега тоа го правиме и самите. А, ако се појави книга или текст што се обидува да ги коригира фалсификатите во „преводите“ на дела од странци, кои пишувале објективно за нас, веднаш се јавуваат дежурните плукачи што имаат задача да останат во сила, недемантирани, само црните лаги за нашиот народ, што други ни ги лепеле и ширеле по светот. Токму затоа, за некои настани од кои нема уште живи сведоци, никој нема право да молчи.
И сега се сеќавам дека првпат за „Македонцките работи“ чув во Белград, во 1938 година, кога дојде Митко Зафировски, тогашен член на Комисијата за македонското прашање при ЦК на БРП(К). Знаевме и дека книгата е разгледувана од Македонскиот литературен кружок во Софија, а беше тешко достапна поради малиот број примероци, зашто бугарската власт ја ставила под блокада веднаш по излегувањето од печат во крајот на 1903 година.
Деновиве се сеќавав на тие долги ноќни дискусии, често водени и со висок степен на емоционалност и, за жал, согледав дека сосема малцина сме уште живи. Меѓу нив е само проф. Шоптрајанов, лингвист и професор по француски јазик, кој работеше во сите состави на јазичните комисии и во ослободеното Скопје. Сметам дека ќе биде драгоцен придонес ако се иницира професорот или самиот да напише за работата на комисиите или новинар да го интервјуира, меѓу другото, и за предметот на спорот. Во Г. Врановци имаше сосема мал број лингвисти. Повеќето бевме со друго образование. Во Скопје веќе се вклучија и некои лингвисти, но, за жал, сите се покојни. Денес се живи Ванчо Бурзевски, Киро Хаџивасилев, Илија Топалоски.
Пред да се отпечати „За македонцките работи“, не смее да се заборави, веќе имавме и литература на македонски јазик освен народната. Ќе се задржам само на драмската, зашто таа како да е подзаборавена. Тогаш е објавена пиесата на Марко Цепенко „Црне војвода“, а во 1900 година е изведена „Македонска крвава свадба“ на В. Чернодрински и е отпечатена при крајот на годината, за да доживее второ издание во 1907 година и трето во 1928 година, а некаде во тоа време и едно во САД за нашите иселеници. Војдан во книгата напишал и Упатство во кое, во врска со изговорот, вели: „Акцентот на зборовите обично паѓа врз првиот на едносложните, двосложните и третосложните зборови, врз вториот слог на четворосложните, врз третиот на петтосложните и сл… Кога неколку едносложни зборови ќе се најдат еден до друг, тогаш тие се сметаат како еден збор: Штоти е… НЕ, кога е како одречна честичка, слеано е со зборот…“
Всушност, Чернодрински го објаснувал тоа што денес го нарекуваме акцентски целини, а не бил лингвист. Единствена разлика е што уште немал можност да ги запознае знаците, графемите од азбуката што ќе ги објави Мисирков дури три години подоцна, па затоа се служел со буквите од бугарската азбука.
Суштински значајно е дека Мисирков не затекнал празен јазичен простор, туку имал и македонски текстови, пишувани и отпечатени, но и говорени на сцената, па можел, одлично подготвен филолог, да ги формулира теоретските норми на литературниот јазик, фонолошкиот правопис и азбуката. Здружени, отишле во Белград во декември 1903 година, и додека Војдан со својот театар достојно ја презентирал говорната слика на нашиот јазик од сцената на Народно позориште, Мисирков ја објаснувал посебноста на нашиот јазик пред студентите на Великата школа (Универзитетот) и во разговорите со истакнати српски интелектуалци. Самиот факт што Војдан го зел на пат со ансамблот, иако не бил ни актер, ни режисер, покажува дека со Мисирков имале блиски разбирања за нашата посебност, базирана пред сè врз јазикот. А тоа се години кога сè почесто избива, по поразот на Илинденското востание, во прв план таканареченото српско-бугарско братимство, од кое ќе произлезе блискиот балкански воен сојуз во 1912 година и поделбата на Македонија. Обајцата ја сетиле таа опасност, но не успеале да ја отстранат.
Сепак, претставите во Белград предизвикале бурни реакции. Весникот ‘Пиемонт’, орган на офицерската клика на Драгутин Димитриевиќ – Апис ги нападнал најжестоко, како туѓа пропаганда, а српскиот литературен историчар Андра Гавриловиќ напишал: „Во Белград гостуваше македонската театарска трупа под водство на Чернодрински. Таа, на македонски јазик, прикажа оригинални македонски драми. Кратко речено, бевме исправени пред обид на нова духовна култура, литература и уметност – македонска. Она што го прикажа Чернодрински не беше жаргон… самата појава на неговата македонска продукција говори дека стоиме пред почетоците на нова, четврта литература на словенскиот југ.“ – ‘Бранково коло’, бр. 17 од 29.04.1904.
Иако длабоко загрижено, ова е прво јавно признавање надвор од Македонија, на посебноста на нашиот јазик и литература. Дали по тие настани од првите години на веков ќе продолжат некои наши луѓе и понатаму неодговорно да велат дека јазиков ни го измислила Коминтерната што ја немало тогаш, како ни комунистички партии?
Инаку, во една од јазичните комисии, во веќе ослободеното Скопје, Венко Марковски објаснувал:
„За това централно македонско наречје разбирање произнесе Крсте Мисирков… кој постави како принцип оти македонскиот јазик не е ни болгарски, ни српски јазик…“ Д-р Стојан Ристевски, пак, приведува едно писмо од рускиот славист Берштејн од 12.09.1944 година, „Белешки за македонскиот јазик“, што го нашол во Архивот на Македонија и во белешките на проф. Воислав Илиќ од почетокот на 1945 година. Бернштејн цитира образец на текст на централен говор, што е всушност превод на стихотворбата „Патник“ од П. Прерадовиќ, направен од Мисирков и објавен во неговото списание ’Вардар‘ во 1905 година. При споредба со јазикот на пиесите на Чернодрински, стариот наш театарски Војдан, инаку негов врсник, чесно и достоинствено држи чекор со Мисирков…
Лагата дека Коминтерната го измислила нашиов јазик е временски лоцирана во 1934 година и божем поврзана со прочуеното писмо од Георги Димитров до Македонскиот народен сојуз во САД. Но, во таа година во Коминтерната никнува тезата за постоењето на „добруџанска“ и „тракиска“ нација. Зошто таа „теза“ пропаднала како истишен балон? Просто затоа што Бугарите од Добруџа и Тракија секогаш говореле бугарски, а нашата посебна нација го издржала искушението на сите македонски голготи, зашто уште во 19. век се разликувал од бугарскиот, иако близок јазик. Впрочем, рускиот славист Лавров, Французите Андре Мазон и Андре Вајан, многу години пред 1934-та ја виделе и ја одбележале таа разлика во своите трудови.
Наспроти повикувањето на Крчовски, Пејчиновиќ, Константин и Димитар Миладинови, Ј. Х. Константинов – Џинот, Партениј Зографски, Григор Прличев, Кузман Шапкарев, Марко Цепенков, како „најбугарски преродбеници во 19. век“, дури и најповршната анализа на јазикот на кој пишувале, покажува сосема јасно дека е тој поинаков од бугарскиот.
Зар треба везден да се потсетуваме дека Прличев, на пример, никогаш и не го научил добро бугарскиот јазик, па бил жестоко критикуван за тоа од Нешо Бончев? А не го научил и предавал во гимназијата во Солун на својот охридски говор, зашто учел во грчки училишта, а не живеел во Бугарија. Додека Кузман Шапкарев бил и гонет од бугарската стамболовштина зашто барал учебниците за децата во Македонија да се пишуваат на македонски за да бидат полесно разбирливи за учениците. А како да се објасни појавата на „Лоза“, печатена на македонски, под раководство на Петар Поп Арсов, со силна поддршка на Даме Груев, обајцата од групата основачи на ВМРО? По Чернодрински се јавува Васил Иљоски, со својата „Ленче Кумановче“, напишана и играна на кумановски дијалект во 1928 година, во Народно позориште во Скопје и набрзо симната од сцената од српската власт. „Македонска крвава свадба“, под друг наслов и без името на Војдана, се игра во разни градови и по 1918 година. Сето тоа е пред 1934 година. И македонските ученици и студенти пишуваат на родниот јазик. Љубен Лапе води дневник на македонски од 1931 година. Димче Аџимитрески веќе од 1932 година, заедно со Кочо Рацин, Венко Марковски и Коле Неделковски, во Скопје, се обидува да создава азбука, а сите пишуваат поезија на македонски. А каде е тогаш уште „одлуката“ на Коминтерната? Го споменувам овде само она што е пред 1934 година за да се согледа сета лажливост дека сме измислени од Коминтерната.
Сè на сè, полемиката не придонесува многу за солидно објаснување на настаните и не ја пополнува празнината во објективното информирање на помладите поколенија. Па сепак, ако точно се опишат настаните и се наредат хронолошки, едно е неспорно: имаме и корени, последовност во развитокот на нашиов јазик и литература многу време, повеќе децении пред АСНОМ. Не сме „измислени“ од никого и на никого не му должиме ништо за интегритетот на нашата нација. Тоа треба да го знае секој млад Македонец и никој нема право да го доведува во заблуди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.