Неприфатливи се барањата на ЕУ и Бугарија, тие се уцени, ултуматум и Македонија треба да прогласи мораториум на овој процес, да се замрзне процесот, рече режисерот и поранешен прв човек на Фондацијата Отворено Општество во земјава, Владимир Милчин, во гостување на ТВ24. Според него, „ова ќе се вози и ќе има постојан притисок“.

„Тука е болеста. Спремноста да се прифати сѐ од Бугарија. Тука е коренот на злото. Криминалот на власта и криминалот на опозицијата. Имаше пред некој ден имапе невреме во Скопје. Видовме колку е нашата централна и локална власт способна да се справи со ваквите ситуации“, вели Милчин.

Тој ја коментираше неодамнешната изјава на германскиот пратеник Михаел Рот дека уставните измени се „ургентни“, велејќи дека не се ургентни, односно дека се лажно итни.

„Ми се крева косата на главата кога ќе ги чујам ваквите ултиматумски пораки. Итноста на промените, кои стануваат уцена, Западот ги бара експресно. Но, тоа не значи дека членството ќе биде експресно. Всушност, спротивно. Дури и кога би прифатиле сѐ од бугарските барања, процесот ќе трае долго, можеби нема ни јас да го дочекам“, рече Милчин.

Тој смета дека Историската комисија ќе потклекне на барањата на Бугарија, според начелниот договор на двете земји рок за година-две да се расчистат овие прашања.

„Тие се во состојба да мораат да испорачаат. Не очекувам таму силен отпор на ултимативните барања. Тоа што го бара Бугарија не е само надвор од европските вредности, туку надвор од цивилизацијата“, вели Милчин.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.