Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во коментар за Дојче Веле ги повтори забелешките кои ВМРО-ДПМНЕ ги има за Предлогот кој во себе ги содржи преговарачката рамка за почеток на преговори со Европската унија и документите кои се дел од тој пакет.
Предлогот за работни групи го дадовме со цел нашите забелешки да ги преточиме во конкретни дела во однос на документите и преговарачката рамка, која е предмет на дискусија. Нашите забелешки се однесуваат пред се за исфрлање на сите спорни делови кои предизвикаа контраверза во однос на постојниот предлог, а со кој се прави отворена штета за државните и национални интереси. Измените на текстот се однесуваат на тргање на делот за уставни измени со кој би се обврзала државата, како и отфрлање на можноста за измена на учебници, историски факти како и ризиците кои постојат за негирање на македонскиот јазик, вели Мицкоски за ДВ.
Првата средба на работните групи е договорена за денеска во 13 часот. Христијан Мицкоски очекува да надвладее разумот бидејќи ова е шанса сите партии да застанат зад една позиција.
Со оваа рамка таква каква што е предложена, не се штитат интересите, туку бугаризацијата на општеството станува услов за влез во Унијата. Еве шанса да застанеме околу единствена позиција за ова круцијално прашање. Иако, гледајќи ги досегашните чекори не сум оптимист дека ќе надвладее разумот, но останува да видиме, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ останува со народот заеднички да го изрази незадоволството и револтот преку протестите кои веќе неколку дена се одржуваат во Скопје и порача дека народот нема да наседне на провокациите на инсталациите на власта.
Исто така, сакам да посочам дека инцидентите кои се случија, а потоа и бруталноста која се демонстрираше на дел од учесниците, се резултат на инсталациите на Спасовски и Ковачевски кои транспарентно го најавуваа сценариото кое го применија. Таквиот театар каде ќе упаднат инфилтратори пратени од полицијата, а потоа ќе се апсат луѓе – е за дефокус на вниманието од предавството кое го прават и најдобар начин да се задуши народниот отпор. За среќа народот е мудар и добро препознава кои се уфрлени насилници и нема да наседне на провокации, потенцираше Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.