Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека што се однесува до референдумското прашање, консултациите со експертите конвергираат кон тоа што и самиот претседател Стево Пендаровски го кажал, и се многу блиску до таа содржина којашто претседателот ја кажа.
Мицкоски истакна дека очекува од Пендаровски да излезе со став во јавноста дека заедно со неговите соработници ќе излезе на референдумот и ќе го поддржи според своето убедување.
Очекувам Пендаровски да излезе јавно со став со своите соработници ќе излезе на референдумот и ќе го поддржи, ќе гласа, а ќе гласа нормално според своето убедување -дали треба да продолжиме под овие услови, под услови на диктат или ќе треба да продолжиме под некои поинакви услови кои ние како ВМРО-ДПМНЕ и останатите би рекол, опозициски партии но и други кои се партии во власта и слободномислечки пратеници мислат дека треба да продолжи Македонија. Односно, да не бидеме под диктат, под закана за асимилација во 21 век повторно, во современа Европа, во Европа во која што треба да има рамноправност, во која ќе треба вредностите да победуваат и демократските вредности се разбира, вредностите на 21 век, ние сѐ уште да се плашиме и да се бориме за нашиот идентитет. Така што, тоа е одговорот на вашето прашање поврзано со референдумот. Очекувам поддршка од претседателот Пендаровски, но очекувам поддршка и од останатите политички партии да излеземе и да видиме каква иднина треба да има нашата Македонија – изјави Мицкоски.
Во врска со изборите, Мицкоски вели дека тие се на ставот дека оваа влада е исклучително корумпирана, неспособна и нема визија и треба час поскоро да замине и затоа било кој термин кој не може да се доведе во врска со референдумското изјаснување за нив е добредојден и подготвени се да излезат на избори и освојат мнозинство, мнозинство во кое ќе нема уцени и ќе се исправат грешките кои се случија во изминатите пет години.
Во однос на активната блокада, Мицкоски рече дека се спречиле многу законски решенија како на пример злоупотребата на опојните дроги, измените во законот за работни односи со кој требаше на голем број партиски судии и обвинители да им се продолжи работниот стаж, законот за коцкање и уште многу закони кои активната блокада ги спречила.
Секој оној од владата која сака да се консултира, подготвени сме да појдеме на состанок, во Клубот на пратеници, на нова лидерска средба да разговараме и да го утврдиме референдумското прашање. Јас веќе на следната седница на Извршниот комитет ќе излезам со позиција откако ќе завршат консултациите и со коалициските партнери бидејќи на крај сакам да го слушнам и нивното мислење, многу значаен сегмент од коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, да излеземе пред членовите на ИК, на ЦК и во секое време на владата и стоиме на располагање да разговараме за референдумското прашање. Нема бегање од ова.
Ние сме за задолжителен референдум, формално правно гледам има и јавна дебата од страна на власта и од оние инсталации од страна на власта во опозицијата чија што заедничка цел е да не успее овој референдум формално право, а тоа е да нема 50% плус 1 од бројот на избирачи кои се дел од избирачкиот список. Тоа е заедничкото од власта предводена од СДСМ/ДУИ и овие малкумина незначителни инсталации на власта во опозицијата и помеѓу македонскиот блок. Само тие имаат единствена желба, а тоа е референдумот да не успее, тоа е суштината нивна. А нашата суштина е што е можно повеќе граѓани да излезат на референдум и да си го дадат својот глас. Доколку власта одлучи да не го бојкотира овој референдум или да не го попречува референдумското изјаснување, јас сум убеден дека референдумот и формално правно ќе биде успешен. Доколку се обидува да го попречи, да го опструира, да го бојкотира, бидејќи тие еднаш си ја бојкотираа довербата во парламентот, тогаш ќе се бориме да дојдеме и до формално правно успешен референдум, но секој еден глас на референдумот, без разлика дали ќе биде ЗА или ПРОТИВ е највисока форма на демократија и јас ја почитувам и се поклонувам бидејќи суверенитетот доаѓа од народот, народот е суверен на оваа држава, не политичарите или политичките елити – додаде Мицкоски во врска со претстојниот референдум и референдумското прашање.
Мицкоски ги повика сите политички партии вклучувајќи ги албанските, академијата, универзитетите, верските заедници да ги повикаат граѓаните да излезат и да се изјаснат бидејќи ова ќе биде изјаснување за иднината на родените и неродените генераци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.