Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, присуствуваше во Гевгелија, каде што во општинскиот комитет, градоначалниците од Гевгелија, Радовиш, Конче, Босилово, Василево и Ново Село јавно даваа отчет пред граѓаните за сработеното во првите 100 дена од нивните градоначалнички мандати.

Во таа пригода Мицкоски им порача на градоначланиците дека очекува од нив во добро светло да ги престават сите оние зафати кои што ги направија изминатиов период, односно во првите 100 дена по завршување на локалните избори.

Ние продолжуваме со отчетот за сработеното во општините, градовите и местата кои се управувани и менаџирани од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ. Навистина ми преставува чест и голема обврска да се излезе пред граѓаните со чист образ и со полн список на проекти кои започнаа да се реализираат, затоа што нашата работа се гледа, а тоа се промените кои започнаа да се случуваат низ селата и градовите низ цела Македонија.

 

По 100 дена работа и после секој отчет кој го направивме за жал се уште нема ниту еден отчет од власта на СДСМ и ДУИ, во ниту една општина каде оваа дружина е на власт. И тоа е поради две причини, прво, не се навикнати на отчет пред граѓаните, и второ и тоа што е уште поболно а тоа е немаат ништо сработено. Токму затоа се и нападите на централната власт кон ВМРО-ДПМНЕ и нејзините градоначалници, затоа што така сакаат да одвлечат внимание од нивната неработа и сакаат да ги демотивираат градоначалниците преку силните опструкции кои ги прават од централно кон локално ниво. Но, ние не само што работиме на локално ниво, туку ќе направиме се за да ја промениме оваа реалност од владата односно да ја промениме оваа дружина на СДСМ и ДУИ во Владата. Затоа што се некадарни, и затоа што народот буквално едногласно бара промени – порача Мицкоски.

Тој истакна дека тие промени веќе се почнати, а доказ за тоа се повеќе од 1.000 проекти кои почнаа да се реализираат, како и многу повеќе кои допрва ќе почнат да се реализираат.

Овие 100 дена се сублимат на многу мали, но еднакво вредни победи за сите нас. Но и големи проекти за кои треба волја, и знаење. А, вие самите знаете дека никогаш не ветувавме чуда, но се чувствува дека носиме ПРОМЕНИ ШТО ЈА МЕНУВААТ СЕГАШНОСТА, ПРОМЕНИ ШТО НОСАТ ИДНИНА и промени за кои заедно се бориме.

 

Ние ПОКАЖАВМЕ ДЕКА УМЕЕМЕ, И МОЖЕМЕ. И тука има нешто што тие го немаат. Нови луѓе, со нова енергија и план кој го содржи клучот – РАБОТА, РАБОТА И МНОГУ РАБОТА.

 

Од овие од повеќе 1.000 проекти кои се започнаа со реализација, дури 166 се капитални објекти низ целата територија на Македонија.

 

Започнати се со проектирање, градба или реконструкција нови 33 градинки и 68 училишта. Точно 206 улици и патишта, тие улици и патишта се градат или реконструираат со вкупна должина од околу 100 километри. Се инвестира во градба на 111 водоводи и канализации, 96 игралишта и паркови. И расчистени се повеќе од 200 депонии.

 

Секој си го поставува прашањето дали сето ова е доволно? Секако дека потребно е повеќе и потребно е подобро. Но, ние тука немаме намера да застанеме. И ние НЕМА ДА ВЕ ИЗНЕВЕРИМЕ! Бевме заедно кога имаше и поплави, и кога имаше пожари, и кога тутунот не се откупуваше и кога власта затвораше врати за народот. Ние заедно со народот, со луѓето на Македонија од сите вери и нации се боревме за иднина.

 

Затоа продолжуваме да работиме за ПРОМЕНИ КОИ МОРА ДА СЕ ПОДЛАБОКИ И ПРОМЕНИ КОИ ШТО МОРА ДА БИДАТ ПОШИРОКИ!

 

И ова е почетокот за нашата заедничка визија за иднината за која се бориме и иднината која вие ја заслужувате, за градоначалници кои се вашиот глас во институциите и државата, за политичари кои се вашата сила во општеството кое мораме да го менуваме.

 

ЗАЕДНО ДО ЦЕЛТА. Заедно во нови успеси и проекти.

 

И ДА ЌЕ СЕ ИЗБОРИМЕ, ќе се избориме за многу нови победи. Надежта е родена и таа ќе победи. Затоа што наша задача и наша обврска се ПРОМЕНИ ШТО НОСАТ ИДНИНА за секој човек! – порача Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека се борат за секоја општина, а така мора да се борат и за Македонија, за да ги надминат предизвиците, да станеме посилни како земја и многу поодговорни за нашата заедничка иднина.

Мицкоски се осврна и на бројните неодговорни изјави на претставници од власта впо однос на случувањата во Украина, со кои го делат народот на тие коишто се Украина и тие коишто се Русија.

Дозволете да кажам збор два и за ова би рекол изминативе денови неодговорно однесување на Пендаровски и неговата СДСМ кои јавно на отворена сцена бројат кој бил за Русија, а кој бил за Украина, па згора на тоа овој првиот кажа и дека огромно мнозинство на македонскиот народ бил според него проруски. И ваквата делба на Украина – Русија која ја му ја прават на народот е само кога станува збор за теснополитичките и теснопартиските интереси, но и не кога ќе треба да стане збор за тендери или набавки од фирми кои се наоѓаат на црниот список на нашите сојузници. Тука нема проблем и Русија ја признаваат само криминалот и пљачката да си тече.

 

Ваквата поделба на народот значи внесување на дополнителен раздор и на така поделеното ткиво во општеството, каде впрочем најдоа уште една тема да го разделат Македонецот и сето ова од истите тие кои треба да демонстрираат безпоговорно обединување. Но и што да очекуваме од луѓето кои не се надминаа себеси да се обединиме околу постигнување на консензус за прашањето со Бугарија, а не пак за Украина каде на креирањето на поделби гледаат како на редовна операција со која се гордеат.

 

Ставот на ВМРО ДПМНЕ е јасен, а тој значи поддршка за мирот во Украина и на територијалниот интегритет на оваа независна и суверена држава.

 

Но, и на Ковачевски, и на Пендаровски, како и на оние кои се платени позади тастатурата да делат би им порачал дека народот не ни е проруски, ниту проукраински, нашиот народ е промакедонски, затоа што ние, а и тие кои го делат народот треба да работат исклучиво и само за еден интерес, а тоа емакедонскиот интерес.

 

И ако не си го знаат својот народ еве добро ќе им го објаснам супстратот на македонскиот интерес кој пред се е љубовта кон слободата, жедта за правдини, кој низ пркосен виор на жестоки борби, востанија, откажувања и жртви создаде своја држава Македонија. А сонот за Македонија е држава на напредни граѓани каде се споделуваат цивилизациските вредности темелени на принципите и вредностите, на стандардите и правилата на Европската Унија, и почита на меѓународното право.

 

Затоа, сакам овде од Гевгелија да рпедупредам на еден инженеринг кој денеска се почесто е присутен во јавноста, кој што оваа власт на заминување предводена од дружината СДСМ и ДУИ сака да го спроеведе.

 

Прво, за нешто што се случува неколку илјади километри далеку од Македонија сакаат да го поделат народот, да не мисли народот на сиромаштијата која тоне, да не мисли за поскапите горива, да не мисли за поскапата струја, да не мисли за поскапиот леб, земјоделецот да не мисли на родот кој остана ненабран и непродаден, да не мисли за катастрофата во здравството, хаосот во образованието, туку да мисли некаде таму далеку нешто што се случува. Наместо да бидеме фокусирани на тоа што е наш проблем и тоа што треба да биде наша домашна грижа, да се грижиме за Македонецот, да се грижиме за граѓанинот на Македонија, тие прават одвлекување на вниеманието и дефокус на теми коишто ниту еден од вас не ги засега. Тоа е инженерингот кој го започна Пендаровски делејќи го анродот на проукраински и проруски.

 

Господа од власта, се додека Ковачевски и Заев, Пендаровски, Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи пишуваат статуси со поддршка на едната страна, овој народ е револтиран од вас бидејќи немате никаков авторитет кај овој народ и ќе биде против вас. Се што ќе кажете народот ќе биде против вас, затоа што сте нелигитимни и ве води нелегитимиен премиер кој е поставен таму само за да ги продолжи политките на заевизмот кои беа жестоко поразени на последните локални избори и во првиот круг и во вториот круг во нашата Македонија. Затоа колку повеќе вие го делите народот, толку тој посилно се обединува, а својот последен збор ќе ви го каже на предвремените парламентарни избори, а после тоа одговорност и за поделбите и за криминалот и за корупцијата и за сета неправда која ја донесовте во Македонија.

 

Кога се делеше Македонија, после Сан стефанскиот договор, кога се делеше Македонија после Букурешкиот договор, на Јалта никој не водеше сметка за интересите на македонскиот народ, ниту пак за интересите за македонската држава. Сите тие си ги гледаа своите интереси, интересите на своите народи, на своите држави, а македонскиот народ и неговиот интерес беа на дното на нивните приоритетит. Денеска македонскиот народ е посвесен од било кога и пообединет од било кога и си го гледа својот македонски, промакедонски, слободарски интерес и интересот на Македонија како суверена независна држава. Нема веќе поделби и не прифачаме било какви поделби.

 

А промакедонските ставови се затоа што ова е наша земја и пред се ние имаме право да одлучуваме за нашата иднина. И знам дека и СДСМ, и Ковачевски, и Пендаровски сакаат делби, сакаат да го прикажат Македонецот за слаб, да ја разнишаат самодовербата со што ќе го карактеризираат за русофилски или било како друго, за да може полесно да им поминуваат штетните политики, но ова сега драги пријатели е друго време, народот е свесен за тоа што е, што имаме и што треба да смениме.

 

И да не се претеруваат во улогата која себе си ја препишува водството на Македонија. Да престанат да летаат и живеат со филмовите дека Славјанка ќе освојувала на истокот, да бидеме приземни, на чело на државата се луѓе кои не знаат да водат куќен совет, а не пак држава. Толку е нивниот капацитет. Толку е нивниот поглед кон светот.

 

И да престанат со демагогија и лекциите за демократија затоа што најдобро практикуваат автократија. Ако не им е јасно нека се сетат на еден спикер во Собранието кој се однесува како да Законодавниот дом му е гостилница од Форино. Негова самопрогласена автократска автономија. Па кога сака да си крши процедури, закажува седници, узурпира процедури, именува и разрешува членови на комисии. Сме гледале многумина кои мислеле дека светот се врти околу нив, ама тие лошо завршувале, без образ и со вечен срам. И овој автократот од Форино треба да знае дека не е над законите, а Собранието му припаѓа на народот. Можеби негова е гостилницата, ама на народот е Собранието. И не може кога ќе му текне преку грубо фалсификување и кршење на процедурите да дозволува разрешување и именување на членови на комисијата за мандатно имунитетни прашања за да полесно може без компромис, еднострано да го спроведи пусулчето дадено од Заев за нови судии во Уставниот суд и десетина други партијашки решенија. И не дека не може да направи ново кршење на процедурите ама треба да знае и тој, и оној ученикот на Зае, слепиот следбеник на политиките на заевизмот, Ковачевски, дека од народ не се посилни. И не е прашање дали туку кога на народот ќе му прекипе, а ќе чукне и тој час многу скоро денес.

 

Затоа што вистинската тема што го мачи овој народ е што живее во сиромаштија и константно дополнително осиромашување. Што за две години струјата се покачи за повеќе од 30%. Што бензините секоја недела уриваат нови рекорди и за две години се покачија повеќе од 70 проценти. Ги гледа ли владата оние исплашени луѓе кои купуваат зејтин, брашно, квасец и празнат рафтови затоа што тие можеби од денес или утре ќе се покачат за нови 10 проценти. Тоа значи дека народот живее во сиромаштија, а владата не прави ништо. Сериозна е и состојбата со стоковите резерви, никој не знае дали тие кои што ја содржат количина во нив е доволна, а ако е така зошто владата не ослободи дел од тие количини за да го заштити народот од ценовните удари? Кој е планот во однос на стагфлацијата која покажува дека Македонија е се посиромашна држава. Народот бара промени и тие промени ќе се случат.

 

И предупредувам власта во иднина да не пушта измислени големи националистички теми кои треба да го одвлечат вниманието од реалниот живот.

 

ВМРО-ДПМНЕ нема да паѓа во стапиците на големите измислени теми кои се параван за да продолжат криминалот и пљачката на народот. Новиот патриотизам подразбира да се обединиме сите заедно и леви и десни, христијани, муслимани и атеисти во идејата за една заедничка иднина.

 

Време е да се остават нишаните, партиските поделби, и мора да дадеме одговориме на вистинските потреби на народот. И ова се мали чекори, но со огромна важност. Ние имаме одговорност во името на сите овие луѓе да водиме, и да одиме напред.

 

И затоа велам дека не смееме да губиме време, туку заеднички и сложно да градиме иднина. Да создаваме промени што носат иднина.

 

Да сте ми живи и здрави! Да ни е вечна и вековита нашата Македонија! – порача Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.